Денеска, премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на свеченото пуштање во употреба на реконструираната обиколница кај Крива Паланка, нагласувајќи дека ваквите инфраструктурни проекти не се само дополнителна вредност за економијата, туку директно влијаат и на животот на граѓаните.
– Ваквите проекти претставуваат значајна додадена вредност за македонската економија и за локалните заедници. Со подобрувањето на патната инфраструктура граѓаните добиваат подобри услови за живот, а инвестициите создаваат можности за развој и за отворање на нови работни места, истакна Мицкоски.
Премиерот нагласи дека во наредниот период во источниот дел на државата ќе бидат вложени повеќе стотици милиони евра, со цел да се реализира поврзување на коридорите, а Крива Паланка е клучна влезна точка на Коридор 8. Тој посочи дека втората и третата фаза од изградбата на железничката пруга, како и продолжување на реконструкцијата на патната инфраструктура, ќе овозможат побрз и полесен транспорт до источниот сосед, Бугарија.
– Целокупното инвестирање има за цел Крива Паланка да стане просперитетен и пристоен град, каде граѓаните ќе се чувствуваат среќни и задоволни. Очекуваме дека ваквите инвестиции ќе ги мотивираат оние кои ја напуштиле Македонија да се вратат дома и тука да продолжат со животот и работењето, рече премиерот.
Мицкоски нагласи дека Владата продолжува да се фокусира на капитални инвестиции и на развој на стратешките инфраструктурни проекти, вклучувајќи патното, железничкото и енергетското поврзување, при што резултатите од растот на БДП ја потврдуваат успешноста на овие инвестиции.
– Очекувам многу скоро сето она за што зборувавме во текот на овие две години од мандатот да биде реализирано. Новите делници од Коридор 8 и останатите капитални проекти ќе обезбедат подобар живот и поголема економска активност за сите граѓани, истакна Мицкоски.
На крајот од говорот, премиерот им се заблагодари на граѓаните за поддршката на Владата и на ВМРО-ДПМНЕ, изразувајќи оптимизам дека овие инвестиции ќе продолжат да ја развиваат државата и да ги подобруваат условите за живот на граѓаните.
– Нека ни е со среќа овој нов реконструиран пат, како и сите други делници кои следуваат во Коридор 8, за доброто на граѓаните, заврши Мицкоски.


















