ПРВ.мк
Македонија

ЛЕГЕНДА НА МАКЕДОНСКИОТ РАКОМЕТ ВО ЦЕНТАР НА АФЕРА: Вмешана во шема за вадење лични документи за пари!

ЛЕГЕНДА НА МАКЕДОНСКИОТ РАКОМЕТ ВО ЦЕНТАР НА АФЕРА: Вмешана во шема за вадење лични документи за пари!
Kristal

Четири лица, меѓу кои двајца активни полицајци, една наставничка и еден пожарникар, се најдоа под удар на истрагата на Министерството за внатрешни работи поради организирана криминална шема за незаконско посредување при издавање лични документи.

Според официјалните информации од МВР, осомничените во периодот од февруари до април 2024 година воспоставиле добро разработен систем за „преку ред“ издавање лични карти, пасоши и возачки дозволи, за што наплаќале фиксен паричен надомест. Одделот за внатрешна контрола при МВР поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Кривичната пријава е поднесена против полицаецот М.С., кој се товари за злоупотреба на службената положба и примање поткуп, како и против П.П., полицаец од Интервентната полиција, осомничен за примање поткуп и противзаконито влијание. Во истрагата се опфатени и В.Р., наставничка во средно училиште во Скопје, и А.С., пожарникар во Град Скопје, кои се гонат за примање награда за противзаконито влијание.

Неофицијално, како што дознаваат медиумите, осомничената В.Р. е поранешната врвна македонска ракометарка Валентина Радуловиќ, една од најтрофејните и најуспешните ракометарки во историјата на македонскиот спорт. Таа има 220 настапи за репрезентацијата, со вкупно 813 постигнати голови, а во својата кариера настапувала за Кометал ЃП, како и за реномирани европски клубови како австриски Хипо и данскиот Шлагелсе.

Според наводите на МВР, наставничката и пожарникарот имале улога да пронаоѓаат заинтересирани граѓани кои сакале побрзо да дојдат до лични документи. Од нив биле прибирани лични податоци и фотографии, кои потоа биле испраќани до полицаецот П.П. Тој посредувал и влијаел постапките да се забрзаат, додека полицаецот М.С., како службено лице задолжено за фотографирање и прием на барања, ги извршувал административните дејствија.

Сѐ било однапред договорено – од висината на надоместот, преку роковите, до јасно поделени улоги. На овој начин, според истрагата, бил создаден паралелен и неформален систем за добивање јавни услуги, со што директно бил нарушен принципот на еднаков пристап за сите граѓани.

Од Министерството за внатрешни работи наведуваат дека осомничените се стекнале со противправна имотна корист и дека постапката ќе продолжи во тесна координација со надлежното обвинителство, додека се проверуваат и други можни инволвирани лица и случаи.

FixCredit
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo