Во македонската јавност, и седум години по потпишувањето на Преспанскиот договор, останаа многу неодговорени прашања како се случи фамозното „ол ин“, односно попуштање на македонските црвени линии за „ерга омнес“ со што се стигна до крајно асиметричен договор со кој практично се деградирани сите стандарди на меѓународното право. Додека македонските преговарачи и за време на преговорите, а и по потпишувањето на договорот даваа „селектирани“ информации за тоа како се стигна до Преспанскиот договор, преговарачот од грчката страна, тогашниот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас во својата книга од 2020 година, открива прецизни детали од процесот, особено од последниот месец, кога комуникацијата била најинтензивна. Како момент во кој се прекршува решението за прифаќање „ерга омнес“ од македонската страна, Коѕијас го лоцира во мигот кога на маса е ставен предлогот за името „Илинденска Македонија“.
Книгата со долг наслов „Логиката на решенијата – политичка теорија и практика во меѓународните односи: Вистината за македонското прашање и преговарањето“, како своевидни мемоари на грчкиот министер Никос Коѕијас, во отсуство на македонска „верзија“, претставува единствено публикувано сведоштво како се преговараше за името на Македонија. Историчарот Димитар Љоровски на својот Фејсбук-профил пренесува преведени делови од книгата на Коѕијас.
Од мемоарите на еден министер – како се преговараше за името: државјанство и јазик за Димитров, Устав и ерга омнес за Коѕијас
„Состанокот во Сунио се одржа еден ден по состанокот во Будимпешта на 10-11.5.2018. За 12.5.2018, Димитров (министерот за надворешни работи на Македонија, н.з.) и јас планиравме да се сретнеме за нашите сопствени прашања и да го поканиме Нимиц за таа цел. Всушност, тоа е она што се случи тој ден. Времето во Сунио беше магично. Ведро сино небо, светло сонце, морски ветрец, добра атмосфера меѓу мене и Димитров, но и меѓу нашите делегации. Ја започнавме дискусијата со преглед на она што се случи во четиримесечните преговори.
Сè изгледаше дека укажува дека можеме да го постигнеме тоа: да донесеме решение за нашите две земји и здив на свеж воздух за нашиот напнат регион.
Преговорите за спорните точки од договорот беа завршени, освен за ‘предметот’, односно – името! Но, имавме позиции на црвени линии: државјанство и јазик за него, Уставот и ерга омнес за мене. Постоеше основен договор за преамбулата на договорот, неповредливоста на границите, борбата против иредентизмот и повеќе области на заедничка соработка. Името остана“, пишува Коѕијас за состанокот со Димитров на 12 мај 2018 во Сунио, покрај Атина.
Раскажувајќи за преговорите во Сунио, Коѕијас ги наведува предлозите за името на Македонија, што биле изнесени во таа фаза на преговорите.
„Дискусијата во преговарачката сала главно се однесуваше на прашањето за ерга омнес, уставните измени и помошта што требаше да ја обезбедиме за да го спроведеме секој договор што ќе го склучевме. Разговаравме многу за временските рокови, а Димитров ги разјасни уставните одредби за неговиот парламент и незадолжителниот референдум. Јас, пак, ги објаснив тешкотиите, процедурите и можностите за формирање мнозинство во парламентот.
Димитров спомена и две имиња што неговата влада би ги сакала и би ги прифатила: ‘Република Независна Македонија’ и ‘Република Македонија Скопје’. Одамна го отфрливме второто име. Првиот го слушав за прв пат. Неговата позитивна страна беше што немаше придавка пред ‘Република’ или по ‘Македонија’, но не можеше да се прифати. Вклучуваше, верувам ненамерно, импликација што можеа да ја искористат и иредентистите. Тоа значи дека постои ‘независна Македонија’ и една, по продолжение -‘зависна’. Додека некои би се обиделе да го протолкуваат името како покана до ‘независниот’ да го ослободи ‘зависниот’. Така, ќе се вративме, дури и ненамерно, кон иредентизмот“, ги кажува Коѕијас дилемите што ги имал за предлозите на Димитров.
Предлогот „Илинденска Македонија“ го крши мразот за „ерга омнес“
Во понатамошниот тек на преговорите, Коѕијас првично бил изненаден и сомничав за предлогот со историска одредница (Илинден) пред името Македонија, наместо географска. Но подоцна во овој предлог на Димитров го согледал потенцијалот на „пакетот“, односно Коѕијас да му го наметене „ерга омнес“ на македонскиот министер како веќе прифатена и завршена работа.
„Димитров подоцна даде уште еден предлог, доколку можат да користат некоја историска ознака наместо географска, како ‘Илинден’. Со такво име би можеле да ги прифатат и уставните измени и секое означување за употреба во домашни и меѓународни рамки.
По два часа, го напуштивме Нимиц и директорите на нашите дипломатски канцеларии и продолживме со разговорот само ние двајца.
Зедовме две столици, една маса и седнавме под дрво. Дојде времето за името. Му бев должен на Димитров одговор за предлогот што го направи непосредно пред да ја напуштиме преговарачката просторија. Разговорот што следеше траеше уште три часа.
Во текот на целиот период што помина, често разговаравме со Димитров за името. Но не напорно, обврзувачки, туку повеќе истражувачки. Верував, и верувам, дека така требаше да се направи. Прво, требаше да имаме меѓусебна доверба, како и нашите делегации од двете страни. Требаше да се договориме внатрешно и двете страни, но и меѓу себе, дека сакаме решение, во логиката на решението. Да ги определиме нашите црвени линии и приговори, нашите ‘желби’ и позитивни перспективи. Сега, веќе беше создадена средината за решавање на првичното прашање“, забележува Коѕијас во својата книга.
Навраќање на предлогот на Нимиц со петте имиња
Коѕијас потоа наведува дека Нимиц повторно им го претставил неговиот предлог со петте имиња, велејќи дека, во текот на преговорите понекогаш ги спомнувале со Димитров.
„Еден предлог беше ‘Република Македонија (Скопје) или Република Македонија-Скопје’. Првата варијанта беше полоша од втората. Бидејќи заградата, како заграда, би се сфатила како заграда. Според тоа, ‘дополнувањето’ би се изгубило. Но ни втората варијанта не можеше да биде прифатлива. Причината е едноставна: не стануваше збор за придавка, ниту за сложена именска форма, туку за дополнување на името. Можеше дури да се сфати како привремено/ограничувачко, кое во иднина ќе се надмине. Претставниците на тогашната ПЈРМ инсистираа на една варијанта од двете имиња/дополнување, бидејќи во минатото беа прифатени и од Нова демократија и од ПАСОК/КИНАЛ. Но навреме објаснив дека нема да прифатам таков предлог.
Второто име беше ‘Република Македонија на Вардар’. Бидејќи имаше ‘на’, имаше позитивни аспекти на таквиот предлог. Сепак, проблемот беше што Вардар е река која минува низ двете земји. Во Грција се вика Аксиос. Секако, некој можеше да тврди дека со името на делот што минува низ Северна Македонија, јасно се разликуваше од Аксиос на нашата Македонија. Беше име, значи, со свои предности и недостатоци. Но Владата на тогашната ПЈРМ не го сакаше, бидејќи ова име асоцираше на Југославија од меѓувоениот период.
Третото име беше ‘Нова Македонија’, кое им се допаѓаше на групата на моите пријатели од Солун, иако можеше да се протолкува помеѓу ‘нова’ и ‘стара’ — првата како продолжение на втората. Но името не им се допаѓаше на другата страна, особено на владејачката партија на Словеномакедонците, која не сакаше име ‘во судир’ со нивното социјалистичко минато.
Четвртото име беше ‘Горна Македонија’. Одбивањето на Димитров за ова беше категоричен. Бидејќи единствената земја со ‘горна’ („Горна Волта“) исчезна. Име, значи, во некоја смисла, ‘несреќно’.
Остана петтото име, кое грчката влада за време на Бакојани го бараше барем за меѓународна употреба, но не успеа да го добие ниту така. Го имав и како крајно име во главата. Првобитно непреведено и едносложно, во германските медиуми и денес се користи едносложно. Подоцна, како што завршивме, како композит. Знаев (така мислев, погрешно) дека НД ќе се согласи, затоа што го бараше, се бореше за тоа и се разочара што не го доби. Впрочем тоа го побара без да бара измени на Уставот и примена на вистинската ‘ерга омнес’. Во овој случај, научив дека ‘злобата и зависта ги надминуваат боите на нивните носители’ “, вели Коѕијас во своето сведоштво.
„Илинденска Македонија“ – предложена од Заев, одбиена од Коѕијас
Според Коѕијас, Грција и не би имала толку голем проблем со името „Илинденска Македонија“, но проценил дека тоа ќе им пречело на „националистите во Софија“.
„Потоа разговаравме за предлогот на Димитров за ‘Илинденска Македонија’. Илинденското востание скапо ги чинело грчките Македонци и Власи. Но, ние не го тврдевме тоа. Се разбира, не го сметавме за нешто наше, туку напротив нешто агресивно кон нас. Востанието на Илинден го презедоа Бугарите и Славомакедонците. Од оваа гледна точка, проблемот не би го имале ние, туку националистите во Софија. Но, имаше и втора гледна точка. За време на бунтот, беа извршени сурови злосторства врз населението во регионот и врз Грците. Му кажав за Димитров. Тој објасни дека за славомакедонската левица бунтот не бил националистички, туку општествен, бидејќи ‘покрај тоа, се споменува и во нејзините декларации’. Дека можеле да го прифатат името дури и непреведено. И тука, од негова гледна точка, тој беше во право. Освен тоа, меѓународната употреба на името целосно би ја диференцирала пријателската земја од нас, нашето културно наследство. Но, имаше историски чувствителности.
На крајот, мојот одговор беше дека не мислам дека во Грција би можеле да го прифатиме неговото толкување. Но, би му го соопштил на премиерот, кому му ги опишав добрите страни (некои од нашите пратеници од Македонија не се спротивставија, групата колеги од Солун се спротивставија), како што се обезбедува ‘ерга омнес’, непреведените уставни промени и јасното меѓународно одвојување од нашата Македонија, но и негативните, како што е различното недоразбирање за историјата, придружено со различното неразбирање на злосторството за препознавање на историјата. Јас лично не го видов исто толку разорно како моите пријатели во Солун. Од перспектива на меѓународните односи, како што реков, тоа имаше свои предности. Но, тие имаа причини да бидат почувствителни. Генерално, му реков на Димитров дека сум отворен да слушнам предлози со историски дефиниции, сè додека тие не содржат непоправливи толкувања и антихеленизам. Името ‘Илинденска Македонија’ беше предложено и од Заев неколку дена подоцна на Ципрас, кој го разгледа името со грчките политички лидери и нивното противење на таквото име беше непоколебливо. Признавам дека не знам дали во тоа време тие биле целосно против такво име, или против можноста за какво било решение. Бидејќи, како што покажа продолжението, тие беа против какво било решение. Исто така, морам да напоменам дека уште еднаш му повторив на Димитров дека договор за конкретно име може да се постигне само откако ќе го заклучиме целосното ‘ерга омнес’ “, пишува Никос Коѕијас за фазата на преговорите за Преспанскиот договор во мај 2018, кои потоа продолжиле во Њујорк и Брисел, пред на биде потпишан на 17 јуни 2018.