Во Собранието веќе се лицитира колкумина од петте пратеници ќе останат во Алијанса, предводена од Таравари, а колку од нив ќе преминат во Вреди, но и колкумина од опозицискиот Европски фронт, предводен од ДУИ, ќе се приклучат кон владејачкиот табор
Оставката на министерот за здравство Арбен Таравари веќе е ковертирана и вчера требаше да биде на масата на Христијан Мицкоски. Таравари нема лично да ја достави оставката до премиерот, туку таа ќе биде доставена од кабинетот на Министерството за здравство, а потоа ќе биде препратена до Собранието. Таму веќе се лицитира колкумина од петте пратеници ќе останат во Алијанса за Албанците, предводена од Таравари, колку од нив ќе преминат во Вреди, но и колкумина од опозицискиот Европски фронт, предводен од ДУИ, ќе се приклучат кон владејачкиот табор.
Одлуката АА да оди во опозиција, Таравари ја аргументира дека Владата „се изгубила на патот кон ЕУ, дека административците Албанци се маргинализирани и дека по укинување на балансерот се уште не е донесен законот за правична застапеност.
– Ја напуштаме владата за да се вратиме посилни, особено во локалната самоуправа, а потоа и во централната власт. Сакаме да избегнеме да бидеме марионети кога сме на власт. Не можеме да го дозволиме ова, или ќе бидеме во право, или би сакале да не бидеме во Владата -рече Таравари по состанокот на Централното пртетседателство.
Претседателот на Собранието Африм Гаши потврди дека сè уште не е пристигната оставката на Таравари.
– Оставка сè уште нема. Немаме никаква нова информација за пратенички групи. Сега-засега, нема ни нов координатор од Вреди – рече Гаши на средба со новинарите.
Вреди пак, денеска достави до Гашибарање за промена на координаторот на пратеничката група на Вреди. Раководството на Вреди пред половина месец одлучи пратеникот на Самоопределување, Беким Ќоку, да биде координатор на пратеничката група наместо Халил Снопче од Алијанса за Албанците. Заменици на Ќоку ќе бидат Мерита Колчи Коџаџику и Аднан Азизи. Од Алијанса, пак, уште нема барање за формирање пратеничка група. Неизвесно е дали АА ќе ги задржи петтемина пратеници, што е услов да имаат пратеничка група.
Во Собранието во полн ек е битка за пратеник повеќе меѓу АА, Вреди и Европскиот фронт откако Алијанса одлучи да оди во опозиција. Претходно Вреди броеше 14 пратеници, но по раздружувањето со АА, треба да останат со девет пратеници.
Министерот за социјална политика Фатмир Лимани изјави дека на Вреди ќе ѝ се приклучат четири пратеници од Европскиот фронт.
– Начелно, грешат ако мислат дека дел од пратениците на Алијанса за Албанците би преминале во редовите на Европски фронт, бидејќи дел од нив ќе останат со Владата. Најмалку четири пратеници од нивните редови ќе преминат во владејачкото мнозинство. Нема да зборувам за останатите, бидејќи мојата процена и мислење е дека пратениците на Алијанса се најдобри и најподготвени. Се надевам дека ќе се повикаат на разум и ќе останат со власта – рече Лимани.
Тој рече дека Европскиот фронт евентуално би можел да земе пратеници од Алијанса, но од друга страна, други пратеници би можеле да избегаат од Фронтот.
Вицепремиерот Изет Меџити рече дека сè уште не разговарале кого ќе предложат за нов министер за здравство, но потврди дека ресорот останува кај Вреди.
– Прво треба да ја констатираме оставката на Таравари. Сите позиции што ги има АА, ќе останат во рамките на Вреди. Ќе направиме анализа и ќе ги дадеме најдобрите и најподготвените за тие позиции. Тоа што самиот Таравари најави оставка, но не и другите функционери, покажува дека има донесено одлука што не кореспондира со членството и со структурите на партијата. Ова покажува дека мнозинството во рамките на АА, која првично беше антитеза на ДУИ, не се согласува со ставот на претседателот на партијата. Тој тргнал по погрешен пат и е очигледно дека секој ден има отстапувања. Има презентирање различни мислења од различни функционери, ова покажува дека претседателот не е во согласност со членството и со структурите на партијата – рече Меџити.
Тој не одговори дали вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, кој е од АА на Таравари, ќе ја напушти функцијата и за одговор нè упати до него. Меџити рече дека дополнително ќе известат дали Фетаи ќе биде разрешен ако самиот не си даде оставка.
– Ќе ве известиме деновиве, разговараме, преговараме – рече Меџити.
Прашан дали разговараат со пратеници од крилото на Таравари, тој истакна дека големото незадоволство во партијата е видливо.
– Не е до тоа дали разговараме, видливо е големо незадоволство кај членството на АА, членови на претседателство, на видни позиции, ограноци, форум на жени, повеќе тела во партијата, што уште еднаш потврдува дека ова е лична одлука од лични побуди и не кореспондира со волјата на членството, посебно на АА која од формирање е антипод на ДУИ – рече Меџити.
Според Меџити, Таравари во ниту еден момент не посочил за проблеми со етнички прашања.
– За етнички прашања овие месеци во првата линија бев јас, потпомогнат од Арбен Фетаи, за Законот за правична застапеност, за Законот за јазиците и другите етнички прашања, и точно е дека господинот Таравари во ниту еден момент не посочил никаков проблем – рече Меџити.