Општина Кавадарци доби вкупно четири вендинг машини за рециклирање благодарение на донацијата од Пакомак, како општествено одговорна компанија која продолжува активно да вложува во унапредување на еколошките навики кај граѓаните. Особено значајно е што една од машините е поставена на Градскиот зелен пазар во Кавадарци и претставува прва ваква вендинг машина во Македонија поставена на јавен простор.

Проектот добива дополнителна вредност и преку поддршката од Општина Кавадарци, која субвенционира по 1 денар за секое рециклирано шише, пластика и лименка, додека 3 зелени поени изнесуваат 1,5 денари. Според досегашните податоци, преку овој систем веќе се рециклирани 90.000 единици, а 950 корисници активно ја користат апликацијата.

Оваа иницијатива претставува успешен пример за тоа како со заедничка соработка меѓу институциите и општествено одговорните компании може да се развива еколошка свест и да се создаваат одржливи навики во секојдневието.

Од Општината упатуваат апел до граѓаните правилно и одговорно да ги користат вендинг машините, бидејќи секое рециклирано пакување значи конкретен придонес кон почиста, поздрава и поуредена животна средина. Овој проект испраќа силна порака дека грижата за природата започнува со мали, но важни чекори кои носат долгорочни резултати за сите.










