Со минута молк во знак на почит кон настраданите во катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, чиј број на жртви денеска се зголеми на 60, започна денешниот состанок на стручниот колегиум на Јавното обвинителство во проширен состав.
Обвинителскиот тим кој ја води истрагата за утврдување на кривичната одговорност за трагедијата го информираше колегиумот за досегашните преземени дејствија, методологијата на истражување и стручните аспекти што се земаат предвид во истрагата. Јавното обвинителство изрази целосна поддршка за работата на обвинителите, кои паралелно спроведуваат истражна и предистражна постапка со цел целосно испитување на одговорноста.
Сите капацитети на Јавното обвинителство се ставени на располагање за ефикасно завршување на истрагата.
Во меѓувреме, со оглед на тоа што последната 60-та жртва е лице кое претходно било опфатено со наредбата за истрага во својство на управител на правно лице, Основното јавно обвинителство Кочани ќе донесе наредба за запирање на истражната постапка за него, откако ќе ја прибави официјалната документација за причините за смртта.
Истражните органи продолжуваат со работа со цел да се утврди целосната одговорност за трагедијата што ја потресе земјата.