Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, изрази цврста посветеност на чесното, професионално и со висок интегритет извршување на полициската должност по информациите за непрофесионално однесување на одредени полициски службеници, по трагедијата во Кочани.
Во соопштението, Јанев нагласи дека секој полициски службеник, без исклучок, мора да ги почитува законите и да работи за она за што е платен – со парите на граѓаните. Тој истакна дека се проверуваат сите околности за постапувањето на полицијата во ситуациите кои јавноста ги оцени како непрофесионални.
„Полицијата е тука да ги спроведува законите фер и без исклучоци, да ги брани правата на сите, без разлика на потекло или припадност. Никој, без разлика на неговата позиција, не е над законот!“ изјави Јанев, додавајќи дека секое однесување што ја нарушува довербата на граѓаните ќе биде откриено и санкционирано.
Директорот апелираше до сите чесни и совесни граѓани да се приклучат во откривањето на несовесното или непрофесионално работење на полицијата, со цел изградба на полицијата како вистински сервис за народот, а не како сила која владее со него.