ПРВ.мк
Македонија

70% од македонските граѓани сакаат членство во ЕУ: Што очекуваат и кои се пречките

70% од македонските граѓани сакаат членство во ЕУ: Што очекуваат и кои се пречките

Најновото истражување на Евробарометар покажува дека големо мнозинство, 70 отсто од граѓаните на Северна Македонија, ја поддржуваат иднината на земјата во Европската Унија. Од членството, граѓаните очекуваат придобивки како отворени граници, слободна трговија и подобар квалитет на животот.

На прашањето кога сметаат дека Македонија ќе стане дел од ЕУ, 27 отсто одговориле „во следните пет години“, 35 проценти „за пет до 15 години“, додека 16 проценти сметаат дека ќе бидат потребни повеќе од 15 години, а ист толкав процент верува дека земјата никогаш нема да стане членка.

Кога станува збор за ставот кон Унијата, 23 отсто имаат „многу позитивна“ слика, 42 отсто „прилично позитивна“, додека 20 проценти се неутрални, а 14 проценти имаат негативна перцепција.

Граѓаните како најголеми придобивки од членството ги гледаат отворените граници (48%), слободната трговија (43%) и поквалитетниот живот и повисокиот животен стандард (42%). Сепак, најголемата загриженост е одливот на млади и миграцијата (44%), зголемување на бирократијата (20%) и бројот на европски регулативи (17%).

Главните пречки за пристапување кон ЕУ според граѓаните се широко распространетата корупција (41%), недостигот на владеење на правото и неадекватното судство (38%), како и несогласувањата меѓу земјите членки (37%).

Истражувањето покажува дека поддршката за економски развој и напорите за намалување на корупцијата би можеле да ја зголемат наклонетоста кон ЕУ. Најмногу доверба граѓаните имаат во економскиот развој и трговијата (39%), здравството (32%) и поддршката на младите (24%).

Довербата во ЕУ изнесува 75%, што е малку пониско од довербата во Светската банка и ММФ, но повисоко од довербата во НАТО. Финансиската поддршка од ЕУ е позната на 93% од анкетираните, а 85% сметаат дека таа е голема или умерена, при што 46% ја оценуваат како најзначајна финансиска помош за државата.

Истражувањето покажува дека ентузијазмот за членство во ЕУ е силен, но дека тој зависи и од специфични економски и геополитички предизвици со кои се соочува земјата.

Escape