Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) издаде жолто предупредување за нестабилно време утре и задутре, со очекуван пороен дожд, грмотевици, засилен ветер и изолирана појава на град.
Според УХМР, под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса, утре попладне, во текот на ноќта и во четврток се очекуваат краткотрајни, интензивни процеси со над 20 литри дожд на квадратен метар за кратко време. Ветерот ќе дува со брзина над 60 километри на час.
Во Скопје се очекува повремен дожд, грмежи и засилен ветер, а во делови од котлината процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме.
Утринската температура ќе биде најниска во Берово, околу 8 степени, додека најтопло ќе биде во Скопје, Гевгелија и Велес, со максимални 35 степени Целзиусови.
Жолтиот аларм укажува на умерена опасност од временските услови, со можност за умерени последици по околината и луѓето. По невремето следува период на претежно стабилно време со слаб до умерен северен ветер.