Кавадарци испиша нова страница во спортската историја! За првпат во младинските категории до 18 години, шампионскиот трофеј доаѓа во нашиот град благодарение на кошаркарките на ЖКК „Про Баскет“, кои се закитија со титулата шампиони на Македонија!
Пред преполни трибини во спортската сала „Јасмин“, во атмосфера која долго ќе се памети, нашите девојки покажаа лавовско срце, карактер и вистински шампионски дух. На патот до златниот пехар, тие одиграа маестрални натпревари и ги совладаа екипите на Вардар во полуфиналето, а потоа и МЗТ Бела Вода во големото финале, докажувајќи дека во Кавадарци се игра најдобрата младинска кошарка.

Прием кај градоначалникот Јанчев: Огромна гордост за градот
По повод овој епохален успех, шампионките денес беа примени од страна на градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев. Тој им упати искрени честитки на кошаркарките и стручниот штаб, нагласувајќи дека овој резултат е плод на макотрпна работа.
„Овие девојки се вистински пример за посветеност, строга дисциплина и огромна љубов кон спортот. Нивниот успех е гордост за цело Кавадарци и силна инспирација за сите идни млади генерации во нашиот град. Општината секогаш ќе го поддржува младинскиот спорт кој нè презентира во најдобро светло“, истакна Јанчев.
Упатуваме огромни честитки до златните кошаркарки, предводниците од стручниот штаб, управата на клубот и сите родители кои беа безрезервна поддршка на ова шампионско патување!
Кавадарци се гордее со вас!








