Министерството за внатрешни работи спроведе засилени контроли на територијата на целата држава насочени кон возачи на мотоцикли, мопеди, велосипеди со помошен мотор и електрични тротинети, при што биле евидентирани и санкционирани вкупно 1.594 сообраќајни прекршоци.
Акцијата, која се реализирала преку 246 засилени контроли и 58 превентивни активности, е дел од пошироките мерки за зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на несреќи.
Најголем дел од прекршоците кај моторџиите
Од вкупниот број санкционирани случаи, 1.417 прекршоци се однесуваат на возачи на мотоцикли, мопеди, трицикли и четирицикли, како и велосипеди со помошен мотор. Дополнително, 174 прекршоци се регистрирани кај возачи на електрични тротинети, додека три случаи се однесуваат на велосипедисти.
Најчесто констатиран прекршок кај моторџиите е некористењето заштитна кацига, со 962 евидентирани случаи. Покрај тоа, 145 возачи биле затекнати како управуваат возило под дејство на алкохол, а 70 лица возеле без соодветна возачка дозвола. Во рамки на акцијата биле одземени и 41 моторно возило.
Проблеми и кај електричните тротинети
Кај возачите на електрични тротинети, најчести прекршоци се движење по несоодветни површини и непочитување на предвидените велосипедски патеки. Дел од возачите биле затекнати и како користат мобилни телефони додека управуваат, а забележани се и случаи на управување од малолетни лица под 14 години.
Апел за поголема сообраќајна дисциплина
Од МВР најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот. Истовремено, упатуваат апел до сите учесници да ги почитуваат правилата и прописите, особено во летниот период кога бројот на движења во сообраќајот е зголемен.








