Повеќе од 526 илјади граѓани очекуваа да го добијат повратот на дел од платениот данок на додадена вредност за последниот квартал од 2025 година, но дел од нив и натаму не ги добиле средствата на своите сметки.
Исплатата од мерката „МојДДВ“ според роковите требаше да биде реализирана до крајот на минатиот месец. Иако значителен број граѓани веќе го добија повратот, има и такви кои сè уште чекаат парите да им бидат префрлени, што предизвика бројни реакции и прашања во јавноста.
Од Управата за јавни приходи посочуваат дека налозите за исплата се испратени, додека од Министерството за финансии за „Слободен печат“ велат дека сите налози кои пристигнале до нив се веќе реализирани. Сепак, и покрај овие тврдења, дел од граѓаните сè уште немаат добиено средства на своите трансакциски сметки.
Од Министерството за финансии објаснуваат дека исплатите се вршат редовно, но зависат од динамиката со која буџетските корисници ги доставуваат налозите до Трезорот. Според нивните информации, сите пристигнати налози кои се однесуваат на поврат на „МојДДВ“ за четвртиот квартал од 2025 година се веќе исплатени, а вкупниот износ на реализираните исплати достигнува 919,2 милиони денари.
Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица беше донесен во 2019 година и предвидува повратот да се пресметува и исплаќа на квартално ниво. Вообичаената практика е средствата да им бидат исплатени на граѓаните во рок од 60 дена по завршувањето на тримесечјето за кое се однесува повратот.
Според тие рокови, последната исплата требаше да биде реализирана најдоцна до 27 февруари. Ова претставува второ доцнење во исплатата на средствата од воведувањето на системот за враќање на дел од ДДВ на граѓаните.
Со апликацијата „МојДДВ“, граѓаните добиваат поврат од 15 проценти од пресметаниот данок на додадена вредност од фискалните сметки што ги скенираат. Максималниот износ што едно лице може да го добие изнесува 2.100 денари по квартал, односно до 8.400 денари годишно.
Официјалните податоци покажуваат дека само во текот на 2025 година на граѓаните им биле исплатени околу 3,47 милијарди денари, што е повеќе од 56 милиони евра, по основ на поврат на ДДВ преку оваа мерка.
Кога се разгледуваат исплатите по квартали, сумите се движеле од 784 до 921 милион денари по тримесечје, при што бројот на корисници во секој период се движел меѓу 490 илјади и 515 илјади граѓани.
Во претходните случаи кога имало доцнење на исплатата, од Управата за јавни приходи посочуваа дека проблемот често бил кај самите корисници. Според нивните објаснувања, дел од граѓаните не ги добиле средствата поради погрешно внесени или неажурирани податоци за трансакциските сметки во апликацијата, поради што апелираа корисниците редовно да ги проверуваат и ажурираат своите информации.


















