Стравот од повторување на старите финансиски афери повторно ги вознемири битолчани, откако „Алта банка“ АД Битола се најде во центарот на неизвесноста по одлуката на Народната банка на Србија да ѝ ја одземе дозволата за работа на нејзината белградска сопственичка банка. Граѓаните, особено оние кои во минатото ги загубиле заштедите во пропаднати банки и штедилници, стравуваат дека повторно би можеле да останат без своите пари.
Иронијата е уште поголема поради настанот што се случил само еден ден пред објавувањето на одлуката во Србија. На 30 октомври, во Битола бил поставен споменикот на народниот пејач Јонче Христовски, донација од поранешната „Стопанска банка Битола“, која пред една година беше преземена од белградската „Алта банка“.
Споменикот го прикажува Христовски во неговата препознатлива поза, со јакната во раката. Битолчани деновиве коментираат дека околностите во кои споменикот пристигнал во градот добиле неочекувана и горчлива симболика.
„Да не се случи од некогашната ‘Стопанска банка АД Битола’, која пред една година е купена од ‘Алта банка’ од Белград, да ни остане само јакната на Јонче Христовски“, велат граѓани погодени од случувањата.
На 31 октомври, ден по поставувањето на споменикот, Народната банка на Србија ја објави одлуката за одземање на дозволата за работа на „Алта банка“ АД Белград. Веста предизвика вознемиреност меѓу клиентите и во Македонија, особено во Битола, каде што банката има долгогодишна историја и голем број клиенти.
Граѓаните веднаш се упатиле кон банкарските експозитури и банкоматите за да ги повлечат средствата од своите сметки. До крајот на денот, од „Алта банка“ АД Битола биле повлечени околу два милиона евра, преку готовински исплати и банкарски трансфери.
Иако вработените и обезбедувањето се обидувале да ги смират насобраните клиенти со уверувања дека банката ќе продолжи со работа на 2 ноември, експозитурите тој ден не работеле со клиенти.
Во меѓувреме, на 1 ноември Народната банка на Македонија воведе привремена администрација во „Алта банка“ Битола, со цел да ги заштити средствата и интересите на штедачите и да ја зачува стабилноста на банката.
Како дел од мерките, беше воведен неделен лимит од 10.000 денари за плаќањата и повлекувањата од сметките преку платежни картички. Ова дополнително ја зголеми загриженоста кај клиентите, особено кај оние кои на почетокот на ноември очекуваат да им бидат исплатени платите и пензиите, но не можат слободно да располагаат со своите средства.
Битолчани се плашат од повторување на старите финансиски загуби
За многу граѓани, случувањата со „Алта банка“ ги вратија сеќавањата на претходните финансиски пропаѓања во градот, кога голем број семејства останаа без своите заштеди.
„Стравуваме дека ова ќе биде трет ТАТ. Битола има горко искуство со банки и штедилници. На времето ни ги заробија девизите што ги заработивме црнчејќи во странство, па ни ги враќаа со години, наместо во девизи, во денари. Потоа ‘пукна’ ТАТ, ни отидоа пак заштедите и до денес не ни се вратени. И ова е третпат да го гледаме истото. Сега останавме без основното, без пензиите. Дајте ни ги парите и да си заминеме од оваа држава“, коментираат клиенти на банката од Битола.
Банка со традиција долга повеќе од седум децении
„Алта банка“ АД Битола е правен наследник на поранешната „Стопанска банка Битола“, финансиска институција која со децении претставувала еден од главните столбови на економскиот живот во градот.
Банката била основана во 1948 година под името „Комунална банка – Битола“. Во следните децении поминала низ неколку фази на интеграција со други банки, а во 1995 година повторно се осамостоила и продолжила да работи како „Стопанска банка АД Битола“.
Со текот на годините, банката изградила доверба кај клиентите и воспоставила блиски односи со граѓаните и компаниите во регионот, поради што имала значајна улога во локалната економија.
Според каталогот на Македонската берза, во 2002 година меѓу поголемите акционери со право на глас биле ЗИК „Пелагонија“ и велешката компанија „Благој Ѓорев“.
Во 2013 година акции во банката купила „Пелистерка“, со што станала нејзин најголем поединечен акционер. Подоцна, во декември 2025 година, банката била преземена од „Алта банка“ АД Белград, откако мнозинството акционери ги продале своите акции.
И самата зграда во која се наоѓа седиштето на банката на Широк Сокак има долга историја. До 1912 година во објектот била сместена Отоманската банка. По Првата светска војна таму работела Француско-српската банка, а веднаш по ослободувањето во 1945 година објектот бил седиште на Земјоделската банка.
Споменикот на Јонче Христовски бил планиран уште во 2023 година
Иницијативата за поставување споменик на народниот пејач Јонче Христовски била покрената во 2023 година, по повод 75-годишнината од основањето на „Стопанска банка Битола“.
Тогаш банката најавила дека ќе му подари на градот спомен-обележје посветено на Христовски, кој бил роден во Битола. Донацијата била замислена како начин институцијата да ѝ се оддолжи на локалната заедница во која ги поставила своите темели.
Во меѓувреме, банката била продадена, а споменикот конечно пристигнал во градот на 30 октомври 2026 година, непосредно пред да биде објавена одлуката на Народната банка на Србија за одземање на дозволата за работа на белградската „Алта банка“.
Токму поради временската блискост на двата настана, поставувањето на споменикот денес се коментира со горчина меѓу дел од битолчани.
Банката пријавила загуба од речиси 49 милиони денари
Финансиските извештаи за периодот до септември 2026 година покажуваат дека „Алта банка“ АД Битола остварила нето-загуба од 48,64 милиони денари.
Ова претставува значителна промена во споредба со истиот период од претходната година, кога банката имала добивка од 49,15 милиони денари.
Во однос на планираните резултати, остварувањето било послабо за 36,27 отсто, односно за 12,95 милиони денари.
Сопственик на белградската „Алта банка“ е српскиот бизнисмен Давор Мацура. Српските медиуми претходно пишувале за негови блиски врски со Српската напредна партија на Александар Вучиќ.
Во октомври 2026 година во јавноста се појавиле и сомнежи за наводни трансфери на големи финансиски средства од Србија кон Македонија и Русија. Во медиумските извештаи поврзани со овие наводи била споменувана и „Алта банка“.
Од Народната банка на Србија соопштиле дека одлуката за одземање на дозволата за работа била донесена по спроведени контролни активности. При контролите, како што било наведено, било утврдено значително влошување на финансиската состојба на банката и ризик за интересите на нејзините депоненти.
Од „Алта банка“ Битола, пак, соопштиле дека претставуваат посебен правен субјект и дека се ликвидни.
За битолчани, кои веќе имаат горчливи искуства со пропаѓање на банки и штедилници, сега најважно е кога повторно ќе можат слободно да располагаат со сопствените средства. Особено загрижени се оние кои очекуваат исплата на плати и пензии, а по воведувањето на привремената администрација се соочуваат со ограничувања при користењето на парите.
Неизвесноста околу иднината на банката повторно ги отвори старите стравови во градот, а споменикот на Јонче Христовски, кој требаше да биде симбол на благодарноста кон Битола, пристигна во момент што му даде сосема поинаква, горчлива симболика.










