Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, дискутираа за системски решенија за спречување на поплави и шумски пожари. На денешниот Управен одбор на ЗЕЛС, главен акцент беше ставен на подобрување на координацијата меѓу институциите и преземање конкретни чекори за справување со природните катастрофи.

„За да ја намалиме опасноста од шумски пожари и поплави, неопходна е континуирана координација меѓу сите институции. Локалните самоуправи треба активно да работат на чистење на атмосферските канали и одржување на речните корита, а во шумските подрачја да се направат засеци кои ќе спречат ширење на пожарите“, изјави Ѓорѓиевски.

Во рамки на состанокот, беше нагласено дека Владата ќе ги зајакне капацитетите на противпожарните бригади, со што ќе се подобри ефикасноста во справувањето со пожари и поплави. Министерот Тошковски најави дека Министерството за внатрешни работи ќе ја стави во функција целокупната расположлива механизација и противпожарни возила, како и ќе идентификува критични точки каде што е неопходна итна интервенција.
Дополнително, ќе се зголемат капацитетите за справување со кризни ситуации, вклучително и бројот на авиони за брза реакција во претстојната сезона.
„Остануваме посветени на изградба на ефикасен систем за превенција и брза реакција, со што ќе ги заштитиме граѓаните и природните ресурси од природните катастрофи“, порача Ѓорѓиевски.
ЗЕЛС ќе продолжи со иницијативи за унапредување на локалната подготвеност и превентивните мерки, со цел намалување на ризиците од несакани природни појави.