Со положување свежо цвеќе пред спомен-плочата на унгарскиот револуционер Шандор Петефи во Драчево, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, заедно со амбасадорот на Унгарија во Македонија, Н.Е. Андраш Клеин, и военото аташе Надаш Ласло, го одбележаа Националниот ден на Унгарскиот народ.

„Пријателството меѓу Македонија и Унгарија не само што опстојува, туку и се продлабочува“, истакна Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека преку заеднички културни проекти, размени и активности двете земји продолжуваат да ја јакнат меѓусебната соработка.

Во рамки на свеченоста беше потенцирано значењето на Шандор Петефи, кој не е само симбол на унгарската историја, туку и на сите народи што се стремеле кон слобода, правда и национална гордост.

Градоначалникот Ѓорѓиевски се заблагодари на Амбасадата на Унгарија во Македонија, здружението „Теледом“ и сите кои придонесуваат за унапредување на македонско-унгарските односи.
„Општина Кисела Вода ќе продолжи со поддршката на културните и образовните проекти што ги поврзуваат нашите народи. Овој ден нека ни биде потсетник за важноста на меѓусебната почит и соработка“, порача Ѓорѓиевски.