Секторот за контрола и истраги при Царинската управа приведе три лица, меѓу кои и сопственичка на салон за убавина, под сомнение за криумчарење медицински препарати кои можат да бидат штетни за здравјето на граѓаните.

Случајот бил откриен на Граничниот премин Табановце, каде при детална контрола на комбе биле пронајдени 535 вијали со средство за слабеење, како и 7.400 етикети со ознаки „TIRZ 2.5 мг“ и „TIRZ 5 мг“, скриени во постелнина.
По откривањето, возилото било ставено под контролиран надзор од мобилен царински тим и продолжило до договорената локација за примопредавање. Во моментот на исплата, инспекторите ја привеле сопственичката на салонот.
По наредба на јавен обвинител бил извршен претрес во салонот за убавина, при што биле пронајдени дополнителни криумчарени препарати, меѓу кои дермални филери, средства за нивно разградување, препарати за редуцирање маснотии, контурирање на лице, отстранување брчки и подмладување.
За ниту еден од пронајдените производи не постоела соодветна документација за безбедност, квалитет и законски увоз. Според истрагата, дел од овие препарати биле користени и рекламирани во салонот.
Против осомничените е поднесена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство за криумчарење, како и за производство и пуштање во промет на штетни средства за лекување.







