Од раните утрински часови жителите на Форино се обидуваат да ја испумпаат водата од своите домови, откако силните врнежи предизвикаа сериозни поплави во гостиварскиот регион. Под вода се најдоа подруми, приземја и дворови, а дел од селото остана без електрична енергија.
„Ова е една од куќите во селото Форино. По поплавите од минатата ноќ, жителите се обидуваат со пумпи да ја испумпаат водата од подрумите и куќите. Ситуацијата е сериозна, а штетите во селото се значителни“, изјави новинарот на ТВ21, Сенат Зилбехари.
Жителите сведочат дека нивото на водата достигнало и до половина метар во домовите, а стравот и неизвесноста траеле со часови.
„До полноќ се обидувавме да ја испумпаме водата со пумпи, кофи и крпи. Кога се прекина струјата, се предадовме. Имаме многу штети, а нозете ни се смрзнаа од водата“, раскажува еден жител.
Според информациите од терен, проблемот настанал поради надојдена вода од Локовица, која се слеала кон Балиндол и завршила во Форино, при што речиси половина од селото било зафатено од поплавата. Освен Форино, погодени се и селата Локовица и Мало Турчане, како и делови од градот Гостивар.
Од Општина Гостивар информираат дека е формиран кризен штаб и дека со механизација на општината и приватни компании се работи на расчистување на теренот и помош на граѓаните.
„Како општина, заедно со сите институции, бевме на терен и се обидовме да им излеземе во пресрет на сите граѓани. Најкритично беше во селото Форино, каде што ги насочивме сите ресурси“, изјави Сафет Асани од Општина Гостивар.
Жителите велат дека ваква поплава не се памети од 1979 година и очекуваат општината во најкус можен рок да направи проценка на штетите и да обезбеди соодветна помош за погодените семејства.

















