ПРВ.мк
Македонија

Ја отпуштија од работа ден по објавата дека е бремена – заврши на психијатар поради дискриминација

Ја отпуштија од работа ден по објавата дека е бремена – заврши на психијатар поради дискриминација
Escape

Во Македонија бремените жени сè уште се соочуваат со сурова реалност – губат работа веднаш штом ќе соопштат дека очекуваат дете. Таков е случајот со една млада жена која на 17 јуни 2024 година кажала дека е бремена, а веќе следниот ден добила отказ од работа. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди дека станува збор за директна интерсекциска дискриминација врз основа на пол, род и мајчинство, и тоа во областа на трудот и работните односи.

Жената била вработена во приватна фирма со договор на определено време – прво на три месеци. Во април 2024 година потпишала анекс со кој договорот ѝ бил продолжен до 15 јули, а платата ѝ била зголемена од 22.000 на 23.000 денари. Сè укажувало дека ќе продолжи да работи и по истекот на договорот, но кога на 17 јуни ја информирала колешката од секторот за човечки ресурси дека е бремена, следниот ден била повикана и известена дека договорот нема да ѝ биде продолжен.

Овој потег на работодавачот предизвикал сериозни последици врз нејзиното ментално здравје. Жената почувствувала силен стрес, мачнина, несоници и паника, поради неизвесноста за својата иднина и егзистенцијата на нероденото дете. Таа доставила медицинска документација до КСЗД како доказ за својата психичка состојба, а поради траумата завршила на преглед кај психијатар, кој ѝ препишал терапија.

Случајот претставува класичен пример на прекршување на законските и човековите права на жените. Во Македонија, бременоста и мајчинството се заштитени со домашно законодавство, но и со меѓународни документи кои државата ги има ратификувано. Според член 101 од Законот за работни односи, строго е забрането отпуштање на жена поради бременост, раѓање, посвојување или користење родителско отсуство.

Овој случај покажува колку е кревка позицијата на жените на пазарот на труд во Македонија и колку често се кршат нивните права – особено кога се најранливи. Комисијата утврди дискриминација, но останува прашањето дали ќе има и конкретна одговорност и санкции за работодавачите што вршат вакви постапки.

Mia Home Mavrovo