Нема суштински нови барања за Македонија на нејзиниот европски пат, туку повторување на веќе преземените обврски, јасно наведени во заклучоците на Советот на Европската унија за земјите кандидатки за членство. Од земјата повторно се бара спроведување на уставните измени на кои веќе се обврзала, како предуслов за свикување на втората меѓувладина конференција и формален почеток на преговорите, без нови одложувања или дополнителни политички одлуки.
Во заклучоците се нагласува дека добрососедските односи и регионалната соработка остануваат клучен дел од процесот на проширување. Советот потсетува на потребата од видливи резултати и од спроведување „со добра волја“ на билатералните договори, вклучувајќи го Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, во согласност со Преговарачката рамка на ЕУ.
Европската унија ја поздравува и доследната соработка на Македонија во областа на надворешната политика, како и нејзиното целосно и долгорочно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата. Посебно се истакнува усогласеноста со рестриктивните мерки на ЕУ, што според Советот претставува јасен сигнал за стратешката определба на земјата кон членство во Унијата.
Покрај тоа, Советот ја повикува Македонија да ги засили реформските напори поврзани со пристапниот процес, со фокус на владеењето на правото. Се нагласува потребата од заштита на независноста и интегритетот на судството, како и од зајакнување на борбата против корупцијата и организираниот криминал, области кои и понатаму остануваат меѓу клучните предизвици.
Во заклучоците се наведува и барањето за усвојување нов Кривичен законик, кој ќе биде целосно усогласен со законодавството на Европската унија и со меѓународните стандарди. Советот исто така забележува дека е постигнат одреден напредок во реформата на јавната администрација, но ја охрабрува земјата дополнително да ги интензивира напорите за модернизација и зајакнување на административниот капацитет.
ЕУ ги зема предвид и информациите доставени од Европската комисија за неодамнешниот напредок и ги охрабрува македонските власти на инклузивен начин да ја финализираат работата на трите патокази – за функционирањето на демократските институции, реформата на јавната администрација и поглавјата за владеење на правото. Дополнително, се бара и завршување на акцискиот план посветен на заштитата на правата на лицата кои припаѓаат на малцинства или заедници.
Во делот за основните права, Советот ја повикува Македонија на понатамошно зајакнување на слободата на медиумите и слободата на изразување. Воедно, се поздравуваат неодамнешните локални избори, за кои се оценува дека биле генерално конкурентни, иако биле забележани одредени процедурални недостатоци.
Кога станува збор за економските критериуми, се истакнува дека Македонија има солидно ниво на подготвеност во развојот на функционална пазарна економија. Сепак, земјата се охрабрува да ги засили напорите за справување со конкурентскиот притисок и пазарните сили во рамките на ЕУ, како и да ги спроведе неопходните структурни реформи.
Унгарија ги блокира заклучоците
И покрај содржината на заклучоците, Унгарија ги блокира документите на Советот на ЕУ за земјите кандидатки за членство. Тоа во пракса значи дека годинава Европскиот совет нема да донесе официјален заклучок за рамката за проширување на Унијата.
Сепак, блокадата не ги запира сите процеси. Брисел веќе формира работна група за подготовка на нацрт-договорот за пристапување на Црна Гора, а паралелно ќе се преземат и потребните чекори за понатамошна интеграција на Украина и Молдавија, што јасно покажува дека проширувањето продолжува, но со различна динамика за секоја земја.
















