Се уште има високо ниво на корупцијата во земјава, а последниве 10 години состојбата со ова општествено зло е влошена. Ова го покажа анализата на Македонскиот центар за меѓународна соработка, од каде велат процентот на коруптивност кај нас е приближно како и во земјите од регионов.

„Минатата година за целиот регион укажува на се уште високо ниво на коруптивен притисок, односно на многу луѓе им се бара мито. Во регионот просекот е некаде 33 посто кај нас последното е 31, со тоа што исто така многу луѓе даваат мито. Во регионот е 31, значи многу е мал отпорот на корупција, речиси 90 посто од тие што им било побарано даваат мито“, вели Александар Кржаловски.
Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи потврди дека е важна улогата на невладииот сектор во борбата против корупцијата.
„Владата повторно го воспостави Советот за соработка со невладините организации, со ова невладиниот сектор може да смета на стабилно финансирање, на тој начин ќе биде постабилно, поиздржливо кон новите предизвици“, вели Арбен Фетаи.
Заменикот амбасадор на делегацијата на Европската унија Бен Нупнау укажува дека корупцијата е сериозен проблем во Македонија што е наведено во изминатите извештаи на Европската комисија за напредокот на земјава.
„Корупцијата е прашање на кое што треба прво да се осврнат политичките раководства но тоа и не треба да биде единствените кои ќе се борат против корупцијата исто така потребно е вклучување на граѓанскиот сектор и самите граѓани кои треба да се активни заштитници да бараат транспарентност и отчетност“, порача Бен Нупнау.
На дебатата „Борба против корупцијата, иновации против нелегалната моќ беше дискутирано за иновативните идеи и ангажирање на владите во борбата против корупцијата, за незаконски финансиски текови и за стратешката корупција.