Џастин Бибер под лупа: Наводи за банкрот, долгови и деманти од неговиот тим
Поп-ѕвездата Џастин Бибер (31) повторно се најде во центарот на медиумското внимание откако се појавија шпекулации дека се соочува со финансиски колапс. Анонимни извори за „Холивуд Репортер“ тврдат дека пејачот наводно должи околу 20 милиони долари, како последица на откажаната светска турнеја.
Според истиот извор, Бибер примил аванс од 40 милиони долари од продукциската куќа AEG, организатор на турнејата, која првично требало да започне во 2020 година, но беше одложена поради пандемијата, а подоцна и во 2022, кога му беше дијагностициран Рамзи Хант синдром – болест која му предизвика парализа на лицето.
Меѓутоа, неговиот ПР тим остро ги негираше тврдењата за финансиски проблеми.
„Ова се бесмислени и неточни информации поттикнати од луѓе кои повеќе не се дел од неговиот професионален круг и се разочарани поради тоа,“ стои во официјалното соопштение испратено до магазинот „Us Weekly“.
Тие нагласуваат дека вакви дезинформации се очекувани кога станува збор за ѕвезда од калибарот на Бибер, и оти тој нема намера да дозволи таквите шпекулации да го поколебаат во неговиот уметнички и личен развој.
„Оние кои шират вакви гласини или не ја разбираат музичката индустрија, или намерно се обидуваат да му наштетат на Џастин,“ додава тимот, пренесува „Rolling Stone“.
И додека дел од јавноста продолжува да шпекулира, Бибер, кој веќе подолго време се повлече од сцената поради здравствени причини, останува тивок на социјалните мрежи, негирајќи ги гласините и фокусирајќи се на приватноста и закрепнувањето.