Полициски службеници од СВР Куманово вчера лишиле од слобода две лица од Куманово, откако претходно тие не им дозволиле да извршат контрола на камион натоварен со огревни дрва, физички ги нападнале, а потоа се обиделе да ги прегазат со возилото. Инцидентот се случил на 23 август 2025 година во 22:30 часот кај село Макреш, Општина Старо Нагоричане.
На терен полициските службеници забележале паркирано товарно возило „мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки, натоварено со огревни дрва, до кое биле двете лица. Кога полицајците се обиделе да извршат контрола на возилото, Т.Ј. (27) и Б.Ј. (46) не само што не им дозволиле, туку и физички ги нападнале. Откако влегле во возилото, се обиделе да ги прегазат полицајците, по што службениците испукале неколку предупредувачки куршуми во воздух за да го сопрат бегството.
По преземените мерки, лицата биле пронајдени, а возилото со дрвата било обезбедено. По целосно документирање на случајот, против Т.Ј. и Б.Ј. ќе биде поднесена соодветна пријава.