Денеска по 12 часот избувна пожар на источната страна од тврдината Исар во Штип, во непосредна близина на првите станбени куќи, што предизвика вознемиреност кај жителите на овој дел од градот.
Според првичните информации, огнот најпрво започнал со горење на сува трева, но поради сувата вегетација и ветрот, брзо се проширил и зафатил грмушки и дел од дрвјата во околината.
Пламените јазици се движеле кон повисоките делови на Исарот, но и кон населените куќи кои се наоѓаат во правец на Штипско Ново Село, што дополнително ја зголемило загриженоста кај жителите.
Станарите од околните куќи први реагирале и почнале со гаснење на огнот со вода, обидувајќи се да го спречат неговото ширење додека не пристигнат противпожарните екипи.
Од Противпожарната единица информираат дека веднаш се испратени екипи на терен, но поради непристапниот терен, дел од интервенцијата се изведува рачно, без можност за пристап на противпожарни возила.
Во гаснењето се вклучени и локалните жители, особено оние чии домови се најблиску до зафатената област и се најзагрозени од ширењето на огнот.
Засега не се познати причините за избувнувањето на пожарот, а надлежните служби работат на негово локализирање и целосно гаснење.








