Голманот на македонската фудбалска репрезентација, Столе Димитриевски, вчера го кажа судбоносното „да“ на својата долгогодишна партнерка Ирина Јанкуловска, на интимна церемонија во Шпанија, земјата каде што живее и настапува за својот клуб – Валенсија.
Свадбата била скромна, но полна со емоции, организирана во тесен круг на семејството и најблиските пријатели, без присуство на медиуми и јавност. Иако церемонијата се одржала далеку од очите на јавноста, младенците сепак споделија неколку фотографии од најсреќниот ден на социјалните мрежи.

Ирина блескала во елегантен сатенски фустан со чисти линии, дополнет со нежна бела наметка и букет од рози, додека Димитриевски одбрал класичен црн костум со бела кошула, задржувајќи го својот едноставен и стилски изглед.
Двојката е заедно повеќе од една и пол година, а Ирина често може да се види покрај голманот на јавни настани и при важни моменти од неговата кариера — вклучително и потпишувањето на договорот со Валенсија.

Иако во репрезентацијата Димитриевски има статус на прв голман, во Ла Лига оваа сезона неговата минутажа е нешто помала, но тој останува еден од најценетите македонски фудбалери во Шпанија.
На објавените фотографии може да се забележат моменти пред општинската зграда, во приватниот двор и на семејната прослава, каде што најблиските со наздравување и радост го одбележале почетокот на новото поглавје во нивниот живот.

















