ПРВ.мк
Македонија

Чудото на Свети Архангел Михаил – празник на божествена сила и заштита!

Чудото на Свети Архангел Михаил – празник на божествена сила и заштита!

Православната црква денес го одбележува споменот на едно од најголемите чуда поврзани со Свети Архангел Михаил, еден од најсилните небесни заштитници. Овој празник е посветен на случувањата во местото Хони во Фригија, каде што се пројавила неговата натприродна сила и милост.

Се верува дека таму, по пророштво на Свети Јован Богослов, се појавил извор со чудотворна вода. Многу луѓе од различни страни наоѓале исцеление на ова свето место. Посебно се памети случајот кога ќерка на еден незнабожец од Лаодикија, која била нема, добила говор откако нејзиниот татко ја напоил со водата по молитва упатена кон Архангел Михаил. По ова чудо, целиот дом на тој човек се покрстил, а во благодарност, тој изградил црква на самото место.

На тоа свето место се подвизувал и Свети Архип, кој цели 70 години живеел во молитва, пост и смирение. Тој се соочувал со многу непријателства од незнабошците, кои, сакајќи да ја уништат црквата и изворот, насочиле река кон нив. Но, по молитвата на Архип, се случило ново чудо – Архангел Михаил повторно се јавил и ја разделил карпата, создавајќи длабок расцеп во кој реката се нурнала, спасувајќи го светото место. Оттогаш, тоа место е наречено Хони, што значи „нурнување“.

Овој ден е потсетник на силата на верата, заштитата од божествените сили и моќта на молитвата. Верниците денес го слават Свети Архангел Михаил како заштитник, исцелител и борец за правдата, со надеж дека и во нивните животи ќе донесе мир, исцеление и заштита од секое зло.

Escape