Пред утрешното гласање на повторените избори за градоначалник во општините Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, избирачките одбори ќе овозможат гласање и за болните и изнемоштените лица во нивните домови, како и за притворените и затворениците од овие општини.
Во Гостивар се пријавени 146 болни и изнемоштени лица за домашно гласање, додека 81 лице ќе гласа во затворите. Во Маврово Ростуше право на домашно гласање имаат 69 болни, а двајца затвореници ќе гласаат во затвор. Во Врапчиште пријавени се 32 болни, а 11 жители ќе гласаат од затвор. Во Центар Жупа пријавени се само двајца болни лица.
Број на гласачи по општини:
- Гостивар: 82.870 граѓани; од нив 78.185 се постојани жители, а 4.604 се во посебен список за жители во странство.
- Маврово Ростуше: 10.575 гласачи; 9.622 во општината, 951 во странство.
- Врапчиште: 27.279 гласачи; 26.318 во општината, 950 во странство.
- Центар Жупа: 7.562 гласачи; 6.305 во општината, 1.257 во странство.
Гласањето ќе започне утре во 7:00 часот и ќе трае до 19:00 часот. Гласачите ќе се идентификуваат со важечки лични документи – лична карта или пасош, а потврдувањето на идентитетот ќе се врши и преку апаратите за биометриска идентификација.
Овие повторени избори се одржуваат бидејќи на Локалните избори 2025 во овие четири општини немаше доволен одзив на граѓаните. Исто така, ова ќе бидат последни избори за актуелниот состав на Државната изборна комисија, чиј мандат завршува на 15 јануари, по изборот на нов состав.
















