Родителите на 63-те жртви од трагичниот пожар во т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани денеска го одржаа 29. „Марш на ангелите“, изразувајќи револт и барајќи правдата да излезе на виделина. Со транспаренти и фотографии од своите починати најблиски, семејствата прошетаа по кочанските улици и се обратија пред Обвинителството.

Мајка на починато дете истакна дека маршот е обврска, а не избор: „Нашите деца повеќе немаат глас, ние мораме да зборуваме наместо нив. Пред три недели до Обвинителството доставивме доказен материјал што јасно покажува прекршување на мерки на претпазливост од страна на поранешниот градоначалник Ратко Димитровски и оштетеното лице. Сè уште немаме никаков одговор.“

Таа додаде дека денеска е поднесен нов доказ за средба меѓу градежниот инспектор Николчо Гоцев и оштетеното лице, што според родителите претставува сериозно загрозување на правичноста на постапката.
Родителите поставија услов до Обвинителството: ако во рок од една недела не добијат јасен и конкретен одговор за преземените мерки, се подготвени да преземат посилни јавни акции, вклучувајќи интензивирање на мирни маршеви и јавни собири. „Никогаш не сме барале насилство, но незаинтересираноста може да доведе до масовни протести“, додаде мајката, повикувајќи на брза реакција и постапување по доставените докази.

Судењето за пожарот во „Пулс“ е закажано за 19 ноември и ќе се одвива во судницата на Казнено-поправната установа „Идризово“, а судијка ќе биде Диана Груевска-Илиевска. Обвинителниот акт е одобрен од Основниот кривичен суд Скопје и доделен во надлежност на скопското Основно јавно обвинителство.














