Министерството за дигитална трансформација и Владата се целосно фокусирани на воведување на моделот „роаминг како дома“, а сите домашни обврски ќе бидат завршени најдоцна до февруари, најави министерот Стефан Андоновски. Тој посочи дека по исполнувањето на техничките и законските услови, следната фаза ќе биде дипломатско лобирање со Европската Унија и земјите од Западен Балкан.
Според Андоновски, реално е Македонија да ја заврши својата задача меѓу првите во регионот, што беше и почетната цел. Тој изрази надеж дека ЕУ ќе покаже разбирање за значењето на ова прашање, кое директно ги засега граѓаните и нивните секојдневни трошоци.
Домашните обврски вклучуваат усогласување на Законот за електронски комуникации со европските правила, преку пренесување на неколку клучни регулативи и донесување дополнителни подзаконски акти. Андоновски потенцира дека овие чекори требало да бидат направени уште пред неколку години, но сега процесот конечно се движи напред.
Иако „роаминг како дома“ веќе важи за Украина и Молдавија, Македонија не била дел од таа група и ќе мора да преговара одделно. Министерот нагласи дека ова прашање е од стратешко значење и го спореди со визната либерализација, бидејќи носи чувство на вистинска поврзаност со европскиот простор.
Доколку процесот продолжи според планот, одлуките би можеле да се донесат во текот на пролетта, а практичната примена да започне подоцна во годината.
















