Групацијата „Ред за Куманово“ излезе со реакција поради ретроактивни даночни решенија кои се однесуваат на граѓани кои работеле во странство и веќе ги платиле своите даноци во земјите каде што работеле. Тие нагласуваат дека се за ред, систем и фискална дисциплина, но дека редот не треба да се воспоставува преку страв, ниту со решенија доставени во крајни рокови без можност за реакција, подготовка или правна заштита.
Според „Ред за Куманово“, проблемот не е во тоа дали законот треба да се почитува – тоа е задолжително – туку во тоа дали законот се применува праведно, доследно и навремено. Граѓаните не треба да бидат одговорни за пропусти или недостатоци на институциите во претходниот период. Затоа, тие предлагаат неколку мерки за решавање на ситуацијата. Меѓу нив се итно стопирање на извршувањата и каматите за овие решенија, воведување флексибилна и правична наплата на рати, утврдување кој бил резидент над 183 дена, како и јавно објавување на договорите за избегнување на двојното оданочување и обезбедување на службени потврди, наместо товарот да паѓа врз граѓаните.
„Ред за Куманово“ предлага дека наплатата да започне од следната година, со јасно известување, рок за подготовка и без ретроактивен шок, за да се овозможи праведна и транспарентна постапка. Во градот постојат многу семејства кои веќе ги исполниле своите обврски, и тие не треба да бидат неправедно третирани.
Главната порака на групацијата е дека законот мора да се спроведе, но само правилно. Истовремено, тие апелираат да се избегнат сеирџиски и политички конфликти и да се обезбеди институционална одговорност кон граѓаните.
















