Тројцата скопјани кои создадоа дива депонија на скопската локација „Вардариште“ се осудени на по 3 години затвор, соопшти Кривичниот суд.
Тие беа прогласени за виновни за создавање депонија спротивно на законските прописи, со што предизвикале опасност по здравјето на луѓето и загадување на земјата и воздухот. Делото било извршено со откупување на старо железо и други материјали на импровизирани пунктови, иако немале дозвола согласно Законот за управување со отпад и не поседувале правно основано лице за таква дејност.
Без соодветна документација за собирање, третман и складирање на отпад, тројцата создале диви депонии што значително влијаеле на животната средина.
Иако сите тројца се со семејства, не се осудувани претходно и не се вработени – што се смета како олеснителна околност – тежината на кривичното дело е утврдена поради сериозното влијание врз животната средина, што претставува отежителна околност.