ПРВ.мк
Македонија

Македонија и Србија ја граделе новата енергетска оска – што значи тоа за регионот?

Македонија и Србија ја граделе новата енергетска оска – што значи тоа за регионот?
Kristal

Гасниот интерконектор меѓу Северна Македонија и Србија влегува во забрзана фаза на реализација, со јасно дефинирани рокови и силна политичка поддршка од двете влади. Проектот е претставен како дел од пошироката визија „Поврзан Балкан – посилна Европа“ и е дефиниран како стратешка енергетска оска која треба да ја зајакне регионалната енергетска безбедност и европската интеграција.

Во Белград се одржа работна средба на македонска делегација предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во придружба на раководствата на Номагас, МЕПСО, МЕМО и секторот за нафта и гас во Министерството. Домаќин беше српската министерка за рударство и енергетика, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ. Основна тема беше забрзаната реализација на интерконекторот.

Проектот опфаќа делница долга околу 67 километри – 23 километри во Северна Македонија и 44 километри во Србија, со приклучување на македонскиот систем кај Клечовце и поврзување со српската гасоводна мрежа во близина на Врање. Српската страна зборува за вкупна гасна рута од 144 километри, со проценета вредност од 153 милиони евра, средства веќе обезбедени во буџетот за 2025 година. Целосното техничко завршување на интерконекторот е предвидено за крајот на 2027 година, а гасот да почне да тече почетокот на 2028 година.

Двете министерки нагласуваат дека проектот не е само инфраструктура, туку стратешки енергетски проект кој отвора Македонија кон нови извори на гас, по интерконекторот со Грција и приклучувањето кон јужните коридори и ЛНГ-терминалите. Во исто време, проектот ја зајакнува билатералната соработка и регионалната стабилност.

Политичката димензија на интерконекторот е амбициозна: со поврзување на Грција–Македонија–Србија, регионот се интегрира во гасен коридор кој води кон Унгарија, Австрија и Централна Европа. Македонија се позиционира како клучно крстосување за три до четири извори на снабдување, што е критично во услови на геополитичка неизвесност и војна во Украина.

Следните чекори вклучуваат интензивирани средби на заедничката работна група, финализирање на техничките проекти, решавање на имотно-правните односи, обезбедување на регулаторни дозволи и континуирана проверка на исполнетоста на обврските, со цел интерконекторот да не остане само политички концепт, туку да стане функционална инфраструктура која ќе ја подобри енергетската безбедност на Балканот и ќе го поддржи европското поврзување.

FixCredit
Escape