ПРВ.мк
Македонија

Алармантни проверки во „Димо Хаџи Димов“: ДЗСИ нареди чистење и медицински прегледи – што се откри?

Алармантни проверки во „Димо Хаџи Димов“: ДЗСИ нареди чистење и медицински прегледи – што се откри?
Kristal

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) издаде итно решение за затворање на кујната во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае, поради сомнеж дека токму таму може да се наоѓа изворот на заразата што предизвикала стомачни тегоби кај учениците. Во координација со повеќе здравствени институции е спроведен засилен инспекциски надзор, а на терен се вклучени ДСЗИ, Агенцијата за храна и ветеринарство, Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје – Скопје.

Директорот на ДСЗИ, д-р Кирил Лазов, потврди дека по добиените информации за појава на симптоми кај дел од учениците, инспекторатот веднаш постапил во согласност со надлежностите. Со решението е наредено затворање на кујната и спроведување на серија задолжителни мерки, меѓу кои вонредно чистење, дезинфекција, дезинсекција и дератизација од овластена институција. Пропишани се и здравствено-хигиенски проверки на персоналот кој работи во храноприготвителниот дел.

Во однос на неофицијалните сомнежи дека причината можеби е водата, Лазов посочи дека тоа не е во надлежност на ДСЗИ, но мерките на останатите институции веќе се активирани.

Дополнително, директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, информираше дека се земени брисеви од сите критични точки – од вработените (раце, нос и грло), од работните површини, како и мостри од храната што ја консумирале учениците. На барање на стручните служби, земени се и мостри од водата во објектот.

Анализите веќе се во тек и ќе траат онолку колку што е потребно за да се добијат целосни резултати. Според досегашните податоци, до здравствените институции стигнале девет пријави за појава на стомачни тегоби кај ученици. Сите засегнати служби најавуваат дека ќе се работи без одлагање, сè до утврдување на точната причина и преземање на соодветни мерки за заштита.

Escape