Тренерот на Партизан, легендарниот Жељко Обрадовиќ, поднел оставка поради серијата порази во Евролигата, пренесуваат српските медиуми. Иако засега нема официјална потврда од клубот, информациите велат дека Обрадовиќ веќе ја соопштил својата намера до управата, која допрва треба да ја разгледа неговата одлука.
Причината за драстичниот потег е катастрофалната форма на тимот. По поразот во Атина од Панатинаикос, кој беше седми во последните осум натпревари, Партизан падна во незавидна ситуација. Во тој дуел, тимот дозволи неверојатна серија од 25:0 во третата четвртина, што дефинитивно го одлучи мечот и дополнително ја разгоре критиката.
Според медиумите, Обрадовиќ не гледал начин да ја прекине негативната спирала и решил да го препушти водството на друг тренер. Наводно, по мечот во Атина, тој дури и не се вратил со екипата во Белград.
По 13 одиграни натпревари, Партизан е меѓу најслабите тимови во Евролигата со учинок 4-9. Под него полоши резултати моментално имаат само Асвел и Макаби.
Обрадовиќ ја предводи тренерската позиција во Партизан од 25 јуни 2021 година, во својот втор мандат. Со овој клуб ја освои првата од своите девет европски титули, а потоа како тренер доминираше со Панатинаикос, Реал Мадрид, Хувентуд и Фенербахче.
Клубот сега е пред клучна одлука – да ја прифати оставката или да се обиде да го задржи најуспешниот тренер во европската кошарка.
















