Се подготвува новата цена на електричната енергија за домаќинствата, која треба да стапи во сила од 1 јануари 2026 година. Одлуката директно ќе зависи од понудата што државните електрани (ЕСМ) ќе ја достават на тендер на универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“. Од Владата уверуваат дека нема да се дозволи ценовен шок за граѓаните.
Веќе е познато дека не се размислува за прекин на субвенционирањето на електричната енергија, иако Европската комисија бара тоа да се укине. Владата гарантира дека нема да дозволи поскапување од 30 до 35 проценти – сценарио кое би ги погодило сите домаќинства. И од Регулаторната комисија за енергетика смируваат дека не се очекуваат промени во делот кој тие го регулираат.
Во моментов, ЕСМ ја продава струјата за домаќинствата по цена од 62 евра за мегават-час, додека пазарната вредност надминува 100 евра. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека евентуалното поскапување, доколку го има, би се движело меѓу еден и три проценти. Одлуката за понудената цена веќе е разгледувана на затворена седница и останува класифицирана, но Мицкоски посочува дека фокусот е заштита на стандардот на граѓаните.
Од Регулаторната комисија појаснуваат дека нивниот дел во крајната цена изнесува 36 проценти и дека не се предвидени корекции во сегментот на пренос и дистрибуција. Новитет е што оваа година тендерот за набавка на електрична енергија ќе важи за цела година, што значи дека цената што ќе биде утврдена во декември ќе остане непроменета до крајот на 2026 година.
До септември, ЕСМ бележи финансиски загуби поголеми од 90 милиони евра, а најмалку 60 милиони евра се потрошени за набавка на дополнителна електрична енергија. Дали овие трошоци ќе рефлектираат во новата цена – ќе стане јасно наскоро.
















