Сообраќајот на државните патишта низ земјава се одвива во изразени зимски услови, со појава на влажни коловози на повеќе делници, информираат надлежните служби. И покрај отежнатите услови, сите државни патни правци во моментов се проодни и се сметаат за безбедни за сообраќај.
Екипите на ЈП „Македонија пат“ се целосно ангажирани и постојано присутни на терен, каде во континуитет се спроведуваат активности за расчистување на снегот, посипување и редовно одржување на патиштата. Активностите се реализираат во тесна координација со ЈП за државни патишта и Министерството за транспорт, со цел да се обезбеди стабилно и безбедно одвивање на сообраќајот и во наредните часови и денови.
Надлежните институции упатуваат апел до сите учесници во сообраќајот да управуваат внимателно и одговорно, задолжително да користат зимска опрема, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и брзината на движење да ја прилагодат на реалните услови на патот.
Посебна претпазливост се препорачува поради значително намалена видливост на повеќе патни правци низ државата. Најкритична е состојбата на патниот правец Тетово – Попова Шапка, каде густата магла ја намалува видливоста на само 30 до 40 метри. Намалена видливост од 50 до 100 метри е забележана и на патот Делчево – Пехчево, додека на правецот Куманово – Крива Паланка таа се движи од 100 до 150 метри.
Проблеми со видливоста има и на планинските превои Ѓавато и Пресека, како и на превојот Плетвар, каде таа во одредени делови паѓа и до 50 метри, што дополнително ги отежнува условите за безбедно возење.
Од надлежните служби повторно апелираат возачите редовно да ја следат состојбата на патиштата преку официјалните информативни центри, со цел навремено планирање на патувањата и избегнување на ризици во зимски услови.

















