ПРВ.мк
Македонија

Крај на сомнителните дозволи: Започнува дигитален систем за проверка на лиценци - Секој ќе може веднаш да провери дали некоја фирма работи легално

Крај на сомнителните дозволи: Започнува дигитален систем за проверка на лиценци - Секој ќе може веднаш да провери дали некоја фирма работи легално

Министерството за дигитална трансформација го претстави новиот систем на СМАРТ лиценци, со кој целосно се дигитализира процесот на издавање, евиденција и проверка на државните лиценци.

Новото решение овозможува граѓаните, инспекторите и надлежните институции брзо и едноставно да проверат дали одредена лиценца е валидна преку единствен електронски регистар и QR-код технологија.

Системот нуди електронско поднесување на барања, дигитален регистар на издадени лиценци, моментална проверка преку QR-код и целосна транспарентност на секој чекор од постапката.

За проверка на лиценца доволно е да се скенира QR-кодот, по што корисникот автоматски се пренасочува кон електронски запис со валиден документ и сите релевантни информации. Во системот е интегриран и дигитален асистент кој дополнително ја олеснува проверката.

Во моментов, системот е целосно оперативен во Министерството за дигитална трансформација, додека во Министерството за економија се користи во тест-фаза за издавање лиценци за дискотеки, кабареа и кафе-барови.

Според најавите, СМАРТ лиценците постепено ќе се прошируваат и во други институции и области. Меѓу дејностите што ќе бидат опфатени се транспортот и логистиката, осигурувањето, хотелиерството, правосудството, заштитата на животната средина, урбанизмот и дозволите за градење.

Системот користи постоечка база од околу 340.000 корисници и е дизајниран за лесно поврзување со други државни институции. Дел од потребната документација автоматски ќе се повлекува од државните бази на податоци, додека останатите документи ќе се прикачуваат електронски.

Со воведувањето на СМАРТ лиценците се очекува значително намалување на бирократијата, побрзи административни процедури и поголема сигурност во проверката на лиценците и дозволите.

Најнови вести