ПРВ.мк
Македонија

Македонија се задолжува за 15 милиони евра – парите одат директно за подобрување на образованието

Македонија се задолжува за 15 милиони евра – парите одат директно за подобрување на образованието

Македонија ќе земе нов заем од 15 милиони евра од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, а средствата ќе бидат наменети исклучиво за подобрување на условите во основното образование.

Според предлог-законот доставен во Собранието, кредитот ќе биде со рок на отплата од 12 години и тригодишен грејс период. Каматната стапка ќе се пресметува според шестмесечниот ЕУРИБОР со варијабилен распон. Исплатата ќе се врши на 18 полугодишни рати, секоја на 15 јуни и 15 декември.

Како предуслов за заемот, Македонија има обврска да плати еднократна провизија од 0,25% од вкупниот износ, која ќе се подмири директно од самите заемски средства, како и годишна провизија во висина од 0,25% од неповлечениот дел на кредитот.

Проектот има цел да го подобри квалитетот на наставата и условите за учење, особено за ранливите категории ученици. Ќе се инвестира во подобро обучени наставници, современи наставни средства, грант-програми за развојни иницијативи во училиштата и во моделот за продолжен престој на учениците. Директни корисници ќе бидат учениците, наставниците, директорите, како и стручните служби.

Проектот започна во април 2021 година со претходен заем од 21,5 милиони евра, од кои досега се искористени речиси 90%. Крајниот рок за имплементација е 27 февруари 2026 година, а во неговата реализација се вклучени Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Државниот испитен центар, просветниот инспекторат, општините и училиштата.

👉 Со овој потег, Владата најавува значително унапредување на условите во основното образование, но и ново задолжување кое ќе го отплаќаат граѓаните во следната деценија.

Escape