ПРВ.мк
Македонија

Македонија го надмина поголемиот дел од Европа: Трето место по раст на БДП!

Македонија го надмина поголемиот дел од Европа: Трето место по раст на БДП!
Kristal

Македонија продолжува да покажува силен економски раст, зафаќајќи третото место во Европа по раст на бруто-домашниот производ (БДП), веднаш по Ирска и Данска. Ова го соопшти министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на прес-конференција поврзана со податоците на Државниот завод за статистика.

Според официјалните податоци, реалниот раст на БДП во третиот квартал од 2025 година изнесува 3,8%, што претставува забрзување во однос на првиот квартал со раст од 2,9% и вториот квартал со 3,5%. Во споредба со земјите од регионот, растот е значително повисок: Србија 2,0%, Црна Гора 3,1%, Хрватска 2,3%, Бугарија 3,1% и Романија 1,2%. Кумулативно, за првите три квартали, растот изнесува 3,4%.

Главен двигател на растот во третото тримесечје се бруто-инвестициите, кои се зголемени за 30,6%, особено поради силниот пораст на инвестициите во основни средства. Министерката истакна дека ова тримесечје е едно од најуспешните во последните години и дека податоците за растот на инвестициите покажуваат висока доверба на инвеститорите во домашната економија.

„Високиот раст на инвестициите е резултат на позитивни трендови во економијата, придонесот на домашните претпријатија, како и поволните кредитни линии обезбедени од Владата. Дополнително, силната посветеност на капиталните инвестиции и оптимизацијата на трошоците, динамиката и условите за градба ја унапредуваат реализацијата на големите инфраструктурни проекти, како што се Коридор 8 и 10“, рече министерката.

Освен инвестициите, забележителен придонес кон растот има и финалната потрошувачка со раст од 1,8%. Секторите кои најмногу придонесоа се: градежништво со раст од 21%, услуги 2,9%, информации и комуникации 7,4%, стручни, научни и технички дејности 6,1%, трговија и транспорт 2,6%, индустрија 1,3% (преработувачка индустрија 2,5%) и земјоделство со 4,0%.

Овие податоци ја потврдуваат стабилната економска позиција на Македонија во Европа и ја нагласуваат важноста на инвестициите и инфрастуктурните проекти како двигатели на одржлив раст.

FixCredit
Atensa 300
Escape