Сулејман Љамалари доби две години затвор за нападот врз скопската градоначалничка Данела Арсовска. Судот го огласи за виновен за кривично дело – Насилство, поради грубото насилство врз градоначалничката извршено на 11 јули 2025 година.
Љамалари нема да излезе на слобода до правосилноста на пресудата, а Судот одлучи дека ќе остане во притвор, но не подолго од 60 дена. Претходно, тој бил на куќен притвор, кој по жалбата на обвинителството станал ефективен.
Нападот се случил додека Арсовска вршела увид на наводни дивоградби во скопски Чаир. Љамалари тврдеше дека не бил напаѓач, туку жртва, тврдејќи дека градоначалничката физички го нападнала кога се обидел да и го тргне телефонот со кој го снимала. Тој призна вербални навреди, но истакна дека и тој бил изложен на навреди од неа.
Арсовска сведочеше дека Љамалари бил исклучително агресивен, предизвикувајќи телесни повреди и дека во нападот кој траел повеќе од 40 минути се чувствувала загрозено, несигурно и исплашено.