Основното јавно обвинителство Куманово отвори истрага по свирепото убиство на жена родена 1947 година во селото Челопек. Осомничен е 25-годишен маж, а случајот отвори сомнежи за можна поврзаност со други слични инциденти во Кумановскиот регион.
Според Обвинителството, убиството се случило помеѓу 27 јануари и 12 февруари годинава. Осомничениот влегол во домот додека жртвата спиела и ја нападнал со силни удари, предизвикувајќи повреди од кои жената починала.
Во координирани дејствија со МВР и Институтот за судска медицина, се работи на поврзување на овој случај со неколку други слични настани. „Поради сличностите во изборот на жртвата и суровиот начин на извршување, се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител“, соопштија од Обвинителството.
Како дел од истрагата, вчера била извршена ексхумација и обдукција на една потенцијална жртва, од чие тело биле земени ДНК-траги за вештачење.
Веднаш по откривањето, осомничениот бил лишен од слобода и му е одреден притвор. На барање на Обвинителството, за него е извршено и психијатриско вештачење од тим форензички психијатри од Институтот за психијатрија во Скопје.
Од обвинителството истакнуваат дека истражните органи продолжуваат со сложени анализи, вештачења и други дејствија за обезбедување докази, кои поради тајноста на постапката не можат да се споделат со јавноста.
Министерството за внатрешни работи претходно информираше дека осомничениот влегол во домот на жената, физички ја нападнал и ја задушил со перница, што ја отвори серијата прашања за сериозноста и суровоста на овој случај.

















