Занемарени симптоми што чинат живот: Жена десет години игнорирала крв во столицата, па ѝ бил дијагностициран рак на дебелото црево
Многумина се препуштаат на пребарување симптоми на интернет, самостојно поставувајќи си дијагнози и често замислувајќи најлоши сценарија. Но, исто така, може да биде опасно кога лесно ќе се утешиме дека благ симптом не значи ништо сериозно — особено ако инаку се чувствуваме здраво. Токму тоа му се случило на Кристал, на која во 2022 година ѝ бил дијагностициран рак на дебелото црево, откако речиси една деценија ги игнорирала очигледните знаци дека нешто не е во ред.
Во интервју за The Patient Story, таа раскажува дека уште во 2012 година почнала да забележува крв во столицата — симптом што се повторувал периодично цела деценија пред да ѝ биде поставена точната дијагноза.
„Траеше неколку дена“, вели Кристал. „Кога ќе пребарував на интернет, добивав резултати што укажуваа на секакви можни причини – од хемороиди до рак. Мислев: ‘Не може да е рак, сигурно се хемороиди или нешто слично’.“
Кога крвта ќе исчезнела, таа едноставно го заборавала проблемот, пренесува Unilad.
Неколку години подоцна, посетила лекар кој ѝ закажал колоноскопија — преглед што се препорачува за лица на средна и постара возраст како превенција од рак на дебелото црево. Но, кога ѝ се слошило за време на подготовките за прегледот, таа не го одржала терминот.
„Не закажав нов термин. Не се вратив кај лекарот. Со тек на време, сè полесно ми беше да го игнорирам тоа“, признава таа.
Крвта во столицата продолжила да се појавува одвреме-навреме, па повторно исчезнувала, што ѝ давало лажна сигурност дека нема сериозна причина за загриженост.
Но во 2022 година, состојбата драматично се влошила. Кристал почнала да чувствува интензивна болка во долниот дел од стомакот.
„Беше како менструална болка, но многу посилна“, вели таа. Посетила итна помош, но кога болката стивнала, се вратила дома.
Потоа започнале зачестени и необични инфекции на уринарниот тракт. „Урината имаше ужасна миризба“, раскажува таа. Иако добила антибиотици, инфекциите се враќале на секои неколку недели, траејќи околу два до три месеци.
Кога антибиотиците престанале да делуваат, ѝ бил направен компјутерски томограф (CT), по што лекарите веднаш побарале дополнителни тестови. Откриено било дека нешто врши притисок врз нејзиниот мочен меур. По дополнителните анализи и конечно извршената колоноскопија, ѝ бил дијагностициран рак на дебелото црево.
Следувале неколку операции, хемотерапија, а на крајот, поради тежината на состојбата, Кристал го загубила мочниот меур, пренесува Index.hr.