Дали сте меѓу среќниците родени во овој месец? Истражување открива поврзаност меѓу месецот на раѓање и успехот
Британската компанија Ocean Finance спроведе необично истражување со цел да открие кои карактеристики ги поврзуваат најуспешните луѓе во Обединетото Кралство.
Во студијата учествувале 650 лица кои постигнале забележителни резултати во својата кариера. Анализата на нивните основни податоци покажала изненадувачки тренд: месецот на раѓање може да биде показател за тоа колкави се шансите некое лице да постигне професионален успех.
Најмногу успешни личности, според резултатите од истражувањето, се родени во месец септември. Како што објаснуваат истражувачите, ова се должи на тоа што децата родени во септември се најстари во својата генерација при започнување на училиштето, што им дава предност во когнитивниот развој и адаптација.
Посебно се издвојува 6 септември како датум на кој се родени бројни истакнати и успешни поединци.
Понатамошната анализа донела и други интересни заклучоци. Така, лицата родени во февруари и ноември имаат најмала веројатност да достигнат високо ниво на професионален успех – само 6% од анкетираните најуспешни луѓе се родени во овие месеци.
Оние кои го слават својот роденден во декември, јули и април имаат 7% шанси за успех, додека родените во август, јуни и јануари бележат 8%.
Нешто подобро стојат месеците октомври (9%), мај (10%) и март (11%), но сепак, според истражувањето, септември останува убедливо на врвот кога станува збор за месецот на „успешните“.
Иако резултатите не треба да се сфаќаат како универзално правило, студијата нуди интересно гледиште за можните влијанија на раниот животен тек врз подоцнежните постигнувања.