Девет од десет луѓе што доживеале ненадеен срцев удар надвор од болница умираат - најчесто во рок од неколку минути. Една од причините за смртоносноста на срцевиот застој е тоа што се смета дека доаѓа ненадејно и без предупредување.
Сепак, ново истражување покажува дека постојат препознатливи симптоми кои можат да се појават пред срцев удар, а нивното рано откривање може значително да ги зголеми шансите за преживување.
Кај мажите, главниот симптом пред срцев удар е неочекуваната болка во градите, додека кај жените тоа е ненадејното отежнато дишење. Овие знаци може да се појават дури 24 часа пред ненадеен срцев удар, според резултатите од истражувањето објавено во списанието „Лансет диџитал хелт“.
Сумет Чуг, доктор по медицина и автор на истражувањето, наведува дека приближно 50 отсто од мажите и жените ги пријавиле овие предупредувачки симптоми пред срцев удар.
Срцевиот удар се јавува кога срцето ненадејно престанува да пумпа крв, што може да биде предизвикано од одредени аритмии или абнормалности на срцевиот ритам кои го спречуваат нормалното функционирање на срцето.
Првиот знак на срцев удар е губење на свеста, по што следува борба за преживување. Меѓутоа, раното препознавање на предупредувачките знаци може драматично да ги подобри шансите на пациентот да преживее.
Важно е да се напомене дека иако овие симптоми се критични, не секоја болка во градите или отежнато дишење значи срцев удар. Причината за појавата на овие симптоми може да биде и висок крвен притисок, дијабетес или други здравствени состојби.
Сепак, ако почувствувате неочекувана болка во градите или отежнато дишење, веднаш побарајте лекарска помош, особено ако имате познато срцево заболување. Препознавањето на овие знаци на време може да биде разликата меѓу живот и смрт.