Навиката на крцкање на зглобовите, особено во прстите, е доста честа кај многу луѓе. Некои ја прават несвесно, како начин за ослободување од напнатост или поради нервоза. Иако тоа може да изгледа безопасно, некои стручњаци предупредуваат дека оваа навика може да има сериозни долгорочни последици, вклучително и развој на артритис.
Кога се крцкаат прстите, всушност се ослободува гас што се наоѓа во синовијалната течност, која ги подмачкува зглобовите. Течноста содржи кислород, азот и јаглерод-диоксид. Со истегнување или свиткување на зглобот се создава вакум кој предизвикува формирање на меурчиња од гас, кои го произведуваат звукот на „пукање“. За некои луѓе, ова може да резултира со зголемена чувствителност на болка во рацете или други делови од телото, бидејќи постојаното крцкање може да го оштети зглобот, пишува босанскиот портал „Кликс“.
Иако повременото крцкање не е нужно штетно, ако не предизвикува болка, често може да доведе до долгорочни проблеми со зглобовите и мускулите. Честото повторување на оваа навика може да создаде хронично воспаление на зглобовите, бидејќи ги иритираат ткивата околу зглобот. Ова ги ослабува мускулите и лигаментите, менувајќи ја биомеханиката на прстот и влијаејќи на неговата стабилност.
Континуираното оптоварување на зглобовите може да го зголеми ризикот од повреди, како исчашување или истегнување, бидејќи ослабените зглобови стануваат подложни на оштетување при секојдневни активности.
Иако не постојат убедливи докази што директно го поврзуваат крцкањето на зглобовите со артритис, некои доктори веруваат дека прекумерното крцкање може да доведе до „трошење“ или кинење на зглобовите со текот на времето.