ПРВ.мк
Магазин

Шок во Шпанија: Украдена слика на Пикасо вредна 600.000 евра! Ова се деталите.

Шок во Шпанија: Украдена слика на Пикасо вредна 600.000 евра! Ова се деталите.

Мистериозно исчезна мало, но бесценето уметничко дело на Пабло Пикасо, вредно 600.000 евра, додека се транспортирало од Мадрид кон Гранада за потребите на изложба. Полицијата во Шпанија води интензивна истрага за овој неочекуван случај што го шокираше уметничкиот свет, пишува „Гардијан“.

Сликата, со наслов „Naturaleza muerta con guitarra“ (Мртва природа со гитара), насликана во 1919 година со гваш и молив, требаше да биде изложена во фондацијата „КахаГранада“ како дел од новата поставка „Мртва природа: Вечноста на инерцијата“. Но, уметничкото дело никогаш не пристигнало на својата дестинација.

Според фондацијата, сликата е во сопственост на приватен колекционер од Мадрид, кој ја позајмил за изложбата. Таа била испратена во петок, 3 октомври, со комбе кое пренесувало повеќе експонати. Кога возилото пристигнало во Гранада, товарот бил истоварен и проверен, но некои дела не биле правилно нумерирани, што ја оневозможило деталната проверка пред да биде потпишана испораката.

По викендот, во понеделникот, кога тимот на фондацијата започнал со отпакување под видеонадзор, кураторот забележал дека едно дело недостасува – токму малата слика на Пикасо. Институцијата веднаш го известила Националното полициско одделение и соопшти дека целосно соработува со истрагата.

Неофицијални извештаи од шпанските медиуми наведуваат дека комбето можеби запрело преку ноќ во близина на Гранада, при што двете лица во него се менувале во чувањето на товарот, што ја отвора можноста дека кражбата се случила токму во тој период.

Славата на Пикасо и енормните вредности на неговите дела одамна ги направија омилена цел на крадците ширум светот. Историјата бележи бројни случаи на кражби на негови слики – во 2007 година, две негови дела вредни 50 милиони евра беа украдени од домот на неговата внука во Париз; во 2009 година исчезна тетратка со скици вредна над 8 милиони евра; а во 1989 година, 12 негови слики беа одземени од вилата на Марина Пикасо на француската ривиера.

Сегашната кражба во Шпанија е само уште една потврда дека делата на Пикасо се меѓу најпосакуваните и најризичните во светот на уметноста. Полицијата не исклучува ниту можност дека зад исчезнувањето стои професионална мрежа на крадци на уметнички дела, со цел препродажба на црниот пазар.

Истрагата продолжува, а јавноста со нетрпение го очекува исходот на оваа уметничка мистерија што повторно ја разгоре дебатата за безбедноста при транспортот на светски ремек-дела.

Escape