Финалето на Светско првенство во фудбал 2026 ветува да биде нешто што фудбалскиот свет досега не го видел. За првпат во историјата, паузата меѓу двете полувремиња ќе се претвори во вистински музички спектакл со настап на глобални суперѕвезди.
На сцената ќе се појават Шакира, Мадона и Би-ти-ес – комбинација што веќе предизвикува огромна возбуда кај фановите ширум светот.
Зад организацијата стои Крис Мартин од Колдплеј, кој работи на тоа шоуто да биде незаборавно. Сепак, уште пред да се одржи, настанот отвори прашања – колку ќе трае полувремето и дали ќе се менува традиционалниот формат на натпреварот?
Првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, најави дека ова ќе биде историски момент за спортот, а плановите одат уште подалеку – дел од прославата ќе се префрли и на Тајмс сквер, каде се очекува масовно собирање на навивачи.
Во меѓувреме, Шакира веќе ја подгреа атмосферата со новата химна „Dai Dai“, соработка со Бурна Бој, која треба да стане симбол на турнирот.
Со 48 репрезентации и организација во три држави, ова Светско првенство не само што ќе биде најголемо досега – туку и најспектакуларно во секој можен аспект.










