Гужваната пита со сирење е едно од омилените домашни јадења, а вистинската тајна на нејзиниот вкус се крие во подготовката на филот. За да биде однадвор златна и крцкава, а однатре мека и воздушеста, потребни се само две дополнителни состојки.
Станува збор за газирана минерална вода и прашок за печиво, кои се додаваат во јајцата пред останатите состојки.
Најпрво во поголем сад изматете ги јајцата, а потоа додајте газирана вода и една мала лажичка прашок за печиво. Добро промешајте за смесата да се соедини.
Потоа додајте издробено сирење, малку млеко или јогурт и масло, зависно од рецептот што го користите.
Важно е смесата да не се мати премногу, за да ја задржи лесната структура.
Посебно внимание треба да се посвети и на редењето на корите. Наместо цврсто да ги притискате во тепсијата, секоја кора нежно згужвајте ја и потопете ја во подготвениот фил.
Оставете малку простор меѓу наборите за смесата рамномерно да навлезе во сите слоеви.
На тој начин, за време на печењето, питата ќе добие воздушеста внатрешност и крцкава површина.
По печењето, оставете ја неколку минути да се излади пред да ја исечете. Така филот подобро ќе се стабилизира, а питата ќе остане сочна.
Со овој едноставен трик, обичната домашна пита со сирење може да стане уште повкусна, помека и повоздушеста, без комплицирани рецепти и дополнителен труд.










