Две масивни црни дупки, секоја со маса над 100 пати поголема од Сонцето, спирално се вовлекле една во друга, предизвикувајќи судир и спојување што резултирало со создавање на нова црна дупка со маса до 265 пати поголема од нашето Сонце. Овој спектакуларен настан се случил на неверојатни 10 милијарди светлосни години од Земјата, далеку од работ на нашата галаксија Млечен Пат.
Ова спојување претставува најмасивно откриено до сега преку гравитациски бранови, и нуди нови перспективи за физичарите и астрономите кои изучуваат природата на овие екстремни космички феномени.
Професорот Марк Ханам од Универзитетот во Кардиф истакна дека овие гравитациски бранови, иако се најсилните настани во универзумот, кога ќе стигнат до Земјата, сигналите се многу слаби и тешко се мерат. Ова е најекстремниот пример на ваков настан забележан до сега.
Детали за ова откритие ќе бидат претставени на 24-та Меѓународна конференција за општа релативност и гравитација.
Црните дупки се формираат кога масивни ѕвезди ги истрошуваат своите нуклеарни горива и колабираат, создавајќи тело со толку силна гравитација што дури и светлината не може да избега од него. Пред доаѓањето на детекторите за гравитациски бранови во 1990-тите, астрономите ја набљудуваа Вселената само преку електромагнетно зрачење, како видлива светлина и радиобранови, но сега имаат можност да ги следат и овие моќни судири што порано биле невидливи.
Според Ханам, новите детектори кои ќе се изградат во следните 10-15 години ќе можат да ги регистрираат сите вакви настани во универзумот и можеби ќе откријат нешто сосема неочекувано.
Досега, научниците преку гравитациски бранови откриле околу 300 спојувања на црни дупки. Најголемото познато до сега создаде црна дупка со маса од околу 140 сончеви маси, додека најновото спојување го помести тој рекорд создавајќи црна дупка со маса дури 265 пати поголема од Сонцето.