Ретка вселенска карпа, метеорит кој важи за најголемиот „парче“ од Марс некогаш пронајдено на Земјата, беше продаден на аукциска куќа „Сотби’с“ за дури 4,3 милиони долари (околу 3,7 милиони евра), вклучувајќи ги сите даноци и трошоци.
Метеоритот познат како „НВА 16788“ (NWA 16788) тежи 24,5 килограми – масивна величина споредено со обичните марсовски метеорити, кои обично се ситни откршоци. Откриен е во ноември 2023 година во регионот Агадез во Нигер, а неговата големина е околу 70% поголема од вториот најголем метеорит од Марс што досега е пронајден на нашата планета.
Само околу 400 марсовски метеорити се откриени во светот, а овој камен е најскапиот од нив што икаде е ставен на аукција. Неговата впечатлива црвена боја и големина го прават исклучително ценет.
Научниците утврдиле дека ова парче од Марс било исфрлено во вселената по удар од астероид, што ја претворил површината во стакло. Кората од метеоритот содржи стаклени делови што се формирале додека метеоритот летал кон Земјата.
Сепак, оваа продажба предизвика и контроверзии. Професорот Стив Брусате од Универзитетот во Единбург истакна дека ваков драгоцен камен би требало да се најде во музеј или научна институција, каде што ќе може да се изучува и да уживаат посетителите, наместо да заврши во приватен колекционерски трезор.
За потсетување, метеоритите се вселенски остатоци од комети, астероиди или метеороиди кои успеале да преживеат влез во земјината атмосфера и да паднат на површината.
Во 2023 година, метеорит тежок 41 килограм падна во Замбија, во областа Касемпа, што беше еден од најголемите метеорити во последните години.