Дали јајцата се штетни за холестеролот? Според новите истражувања, одговорот е – не. Иако со години беа под лупа како потенцијална закана за срцето, најновите научни податоци покажуваат дека јајцата не се виновникот кој треба да го избегнуваме на појадок.
Истражување спроведено од Универзитетот во Јужна Австралија утврди дека холестеролот што природно се содржи во јајцата не придонесува за зголемување на лошиот (LDL) холестерол. Вистинскиот проблем, според научниците, лежи во заситените масти што ги внесуваме преку други намирници – како сланината, колбасите и преработеното месо.
Студијата открила дека дури и консумирање на две јајца дневно, ако се дел од диета со ниско ниво на заситени масти, може да придонесе за намалување на LDL холестеролот. Професорот Џон Бакли, кој го предводел тимот, објаснува дека јајцата често биле неосновано етикетирани како ризични, иако всушност содржат многу малку заситени масти.
„Јајцата имаат незаслужено лоша репутација“, вели Бакли. „Нашата студија покажа дека заситените масти, а не јајцата, се тие што треба да не загрижуваат. Со други зборови – ако веќе сакате јајца за појадок, избегнете ја сланината.“
Според проценките, дури 60% од возрасните во Англија имаат зголемен холестерол, а многумина од нив не се ни свесни за тоа. Оваа нова студија е охрабрувачка и потсетува дека не треба да ја осудуваме една намирница во изолација.
Британската фондација за срце нагласува дека клучот е во целокупната исхрана, а не во поединечни намирници. Балансиран режим што вклучува овошје, зеленчук, интегрални житарки, мешунки, риба и јаткасти плодови е најдобар начин за одржување на здравјето на срцето.
Појадокот со јајца не само што не е опасен, туку може да биде и здрав избор – се додека внимаваме со што го комбинираме.